Од директорската позиција во МКЦ, Шаќири заминува во кабинетот на градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, каде што ќе ја извршува функцијата советник за култура
Поранешниот портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, е нов директор на Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје. Информацијата денеска на Фејсбук ја објави досегашниот директор Арбен Бени Шаќири, кој рече дека од лични причини поднел неотповиклива оставка од функцијата.

Од директорската позиција во МКЦ, Шаќири заминува во кабинетот на градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, каде што ќе ја извршува функцијата советник за култура.
„Повеќе нема да ја извршувам функцијата директор на Младинскиот културен центар. Поднесов неотповиклива оставка до градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, од лични причини! Сепак, на предлог на градоначалникот Ѓорѓиевски, останувам дел од неговиот кабинет на позицијата советник за култура, со што ќе се обидам од еден друг аспект да придонесам за унапредување и развој на културата во градот Скопје“,
напиша Шаќири во објава на Фејсбук.
Во прилог на објавата, тој сподели и фотографија со Димче Арсовски, кому му посака среќа и успех во извршувањето на директорската функција во Младинскиот културен центар.
„Верувам дека како млад човек ќе даде максимум од себе за да може да се справи со сите тешкотии со кои културата воопшто се соочува изминативе години!“,
додава Шаќири.
Бени Шаќири беше назначен на чело на МКЦ во јануари 2024 година.
