Името на Бени Шаќири се доведуваше во корелација со МКЦ во јуни 2019 година, кога градоначалник на Скопје беше Петре Шилегов, a се појавија шпекулации дека музичарот ќе биде нов директор на Центарот
Музичарот Бени Шаќири е назначен за нов директор на Младинскиот културен центар (МКЦ).
Покрај Шаќири, кандидатури за директор на МКЦ поднеле и продуцентот и филмски работник Никола Мадиќ, сопруг на заменик-министерката за правда Викторија Аврамовска-Мадиќ, и Владимир Стојчевски, дипломиран продуцент и професор, магистер по менаџмент на јавни установи.

Од МКЦ велат дека Бени Шаќири е назначен за директор уште на 10 јануари.
„Градот го криел решението на Бени Шаќири. Тој дури сега доаѓа на работа, останатите двајца кандидати имаат осум дена рок на жалба, со ова им се ускратува правото на жалба“,
наведуваат од МКЦ.
Шаќири доаѓа на местото на Никола Алексов, дипломиран детектив, кој беше поставен на функцијата во јануари минатата година откако Арсовска го разреши Ванчо Богоев, за кој тогаш од МКЦ велеа дека е разрешен бидејќи не подлегнал на притисоците и не сакал да потпише за вработување на Шаќири.
Името на Бени Шаќири се доведуваше во корелација со МКЦ во јуни 2019 година, кога градоначалник на Скопје беше Петре Шилегов, а се појавија шпекулации дека музичарот ќе биде нов директор на Центарот.
Сепак, тој не беше назначен, а претходно преку отворено писмо дел од културните работници се спротивставија тој да застане на чело на МКЦ.
На локалните избори во 2021 година Шаќири влезе во трката за градоначалник на Скопје, како кандидат на движењето „Одлучно за промени“ на ЛДП и ДОМ.
Во кампањата отворено зборуваше против работата на Шилегов, а откако отпадна во првиот круг, во пресрет на вториот, беше на средба со Арсовска.
