Сите оние што даваа изјави врз основа на шпекулации треба да се воздражат од тоа и да почекаат на официјална изјава од Комисијата. Изјавата на сите членови потпишани на нашиот дел од комисија се многу јасни дека воопшто таму не станува збор за какво било дефинирање на статусот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, смета премиерот
Премиерот Димитар Ковачевски вели дека единствено валидно решение што може да го донесе Заедничката мултидисциплинарна и експертска комисија за историски и образовни прашања е тоа што ќе биде одобрено од сите 14 члена, седум од македонска и седум од бугарска страна, со нивни потписи и да биде воведено на реципрочна основа во двете држави.
Ковачевски својот став го кажа денеска одговарајќи на новинарско прашање дали смета дека Комисијата треба да расправа за Охридската архиепископија бидејќи сето тоа покрена бурни реакции во јавноста.
„Утрово од Комисијата имаше соопштение во кое во детали објаснуваат во кој аспект ги анализира историските периоди и улогата на различни институции во тие историски периоди. Исто така, потврдија дека воопшто не се разговара за статусот на црквата од било кој аспект. Така да сметам дека сите оние кои даваа изјави врз основа на шпекулации треба да се воздражат од тоа и да почекаат на официјална изјава од Комисијата. Мислам дека изјавата на сите членови потпишани на нашата Комисија се многу јасни дека воопшто таму не станува збор за било какво дефинирање на статусот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија“,
рече Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање при посета на Тутнскиот комбинат во Прилеп.
На прашањето дека бугарската страна дава поинакви изјави, Ковачевски рече дека бугарската страна си дава изјави за себе.
„Она што е валидно е само кога Комисијата со сите 14 члена ќе има консензуален став за кое било прашање. Сè друго се изјави кои немаат никакво влијание врз финален резултат на работата на Комисијата бидејќи таа работи независно и тоа беше целта. Со историјата да се занимаваат историчарите, со политика политичарите“,
додаде Ковачевски.
Ковачевски вели дека е особено горд што во мандатот на оваа влада и на него како премиер, конечно после неколку децении, МПЦ-ОА е примена во канонско единство со сите други православни цркви и веќе започна процесот на нејзино сослужување со сите цркви.
Членовите на на македонскиот тим во Заедничката мултидисциплинарна и експертска комисија за историски и образовни прашања денеска со „разочарување“ реагираат на, како што велат, некоректното информирање на јавноста за темите кои беа предмет на дискусија во работата на Комисијата на дводневниот состанок што се одржа минатата недела во Скопје.
Во реакцијата на членовите на македонскиот тим се вели дека, и покрај јасно искажаните погледи и ставови на копретседателот од македонска страна дадени пред новинарите на 25 ноември по завршувањето на 22. средба, во одредени медиуми во изминатите три дена се пласираат информации и се емитуваат прилози со кои се шират невистини дека Комисијата го решава црковното прашање на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), дека дискутира за теолошки и црковни прашања, догми и канони или, пак, одредува чија е ОА.