Ванг му рекол на Блинкен дека кинеско-американските односи се стабилизирале, но негативните фактори во односот сè уште се зголемуваат и се градат
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен се сретна со кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји во Пекинг за да разговараат за низа сложени прашања, вклучително и продлабочувањето на тензиите во врска со поддршката на Кина за руската инвазија на Украина. Блинкен поминал неколку часа со Ји на состаноци зад затворени врати.
Ванг му рекол на Блинкен дека кинеско-американските односи се стабилизираат, но негативните фактори во односот сè уште се зголемуваат и се градат.
„И односите се соочуваат со секакви нарушувања кои можат да доведат до ривалство, конфронтација, па дури и конфликт. Легитимните развојни права на Кина се неразумно потиснати и нашите основни интереси се оспорувани. Дали нашите две страни треба да водат меѓународна соработка за глобалните прашања и да постигнат победа или да се вклучат во ривалство и конфронтација или дури и да западнат во конфликт, што би било загуба за сите? Меѓународната заедница го чека нашиот одговор“,
рекол Ји.
Блинкен одговорил дека е потребна активна дипломатија за да се продолжи напред со агендата што ја поставиле американскиот претседател Џо Бајден и неговиот кинески колега Си Ѓинпинг кога се состанале во Сан Франциско во ноември.
„Според нашата проценка, не постои замена за дипломатијата лице в лице“,
рекол Блинкен.
Блинкен најверојатно ќе се сретне со кинескиот претседател Си Ѓинпинг денеска пред да се врати во Вашингтон во вечерните часови, иако ниту една од страните сè уште не ја потврдила средбата.
Тој се состана и со кинескиот министер за јавна безбедност Ванг Сијаохонг. Блинкен пристигна во Пекинг вчера од Шангај, каде што ја повика Кина да обезбеди еднакви услови за американските компании.