„Основни причини за забавената динамика за изградба на патната делница Кичево–Охрид се наведуваат: недостатоците на проектот, задоцнета експропријација поради нерешените имотноправни односи, потребата од дислокација на надземни и подземни инфраструктурни објекти, одобрување на нови одлагалишта на земја, како и недоволен број на технички кадар, механизација и опрема обезбедени од изведувачот (подизведувачите)“, се вели во соопштението на Државниот завод за ревизија во кое информираат за извршена ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) со законската регулатива за 2022 година
Автопатот Кичево–Охрид е најголемата инфраструктурна инвестиција со децениска изградба, кој и покрај дополнителен заем од 180 милиони американски долари, пролонгирање на изградбата за шест години и зголемување на вредноста на договорот за 45 отсто, сè уште не е изграден.

Ова се посочува во насловот и поднасловот на соопштението на Државниот завод за ревизија (ДЗР) во кое од институцијата информираат за извршена ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) со законската регулатива за 2022 година.
Предмет на ревизија и анализа на ревизорите била изградбата на неколку патни делници, меѓу кои и автопатот Кичево–Охрид, кој се гради десет години, а според најавите требаше да биде готово до почетокот на оваа година.
Недостаток на системски и аналитичен пристап
Според ДЗР, најголем дел од материјалните средства, односно парите на Јавното претпријатие или 46 отсто од нив (55 048 838 000 денари или околу 895 милиони евра), биле средства во подготовка, а се однесуваат на изработка на проектни документации, извршени експропријации, изградби, реконструкција и рехабилитација на државните патишта и нивен надзор.
За дел од овие средства, ревизијата утврдила недостаток на системски и аналитичен пристап и недоволна подготвеност при планирање, проектирање, градење и реконструкција на патни делници низ државата. Ова, како што се наведува, предизвикало зголемување на вредноста на склучените договори и пролонгирање на рокот за изградба, односно реконструкција на делниците.
Поради појавени непредвидливи и дополнителни работи, според ДЗР, биле направени измени и дополнувања на основните проекти, чиј број во зависност за кој проекти станува збор се движел од една до 42 промени. Следствено, тоа довело и до продолжување на рокот за градење на делниците. Најкраткиот продолжен рок, што го констатирал ревизорот бил осум месеци, а најдолгиот шест години и се однесува на изградбата на автопатот Кичево–Охрид, чиј главен изведувач е кинеската компанија „Синохидро“.
„Најмногу варијации, најголемо продолжување на рокот и зголемување на вредноста на договорот од 45% (187 милиони евра) има кај изградбата на патната делница Кичево–Охрид“,
се вели во соопштението на ДЗР.
До ноември 2023 автопатот Кичево–Охрид чинел 575 милиони евра
Според износот на инвестирани средства и должината на патната делница која се гради, токму оваа делница е најголемиот инфраструктурен проект опфатен во ревизијата.
Делницата е со должина од 56,7 километри, а нејзината изградба заклучно со крајот на декември 2022 година, констатира ревизијата, изнесувала околу 31,6 милијарди денари (околу 512 милиони евра). За еден километар од овој автопат, до крајот на 2022 година, според ДЗР, биле инвестирани 557 273 000 денари (речиси 9 милиони евра).
„До ноември 2023 година инвестираните средства достигнуваат износ од приближно 575 милиони евра“,
се наведува во соопштението на Државниот завод за ревизија.

Од државниот орган даваат и краток осврт на хронологијата на почетокот и текот на изградбата на автопатот Кичево–Охрид, со фокус на финансиските импликации.
Потсетуваат дека неговата изградба почна во мај 2014 година, а претходно во јануари истата година, за таа цел беше склучен договор за заем помеѓу банка од Кина, како заемодавач и Јавното претпријатие за државни патишта во износ од 505 милиони американски долари. Во декември 2019 година е склучен договор за дополнителен заем во износ од 180 милиони долари. Со тоа вкупното задолжување на државата за изградба на делницата од Кичево до Охрид изнесува 685 милиони долари.
„Од спроведениот теренски увид ревизорите констатирале дека најголем дел од делницата е трасирана, изградени се 25 вијадукти, при што различни делници се во различна фаза на изградба. Основни причини за забавената динамика за изградба на патната делница Кичево–Охрид се наведуваат: недостатоците на проектот, задоцнета експропријација поради нерешените имотноправни односи, потребата од дислокација на надземни и подземни инфраструктурни објекти, одобрување на нови одлагалишта на земја, како и недоволен број на технички кадар, механизација и опрема обезбедени од изведувачот (подизведувачите)“,
велат од ДЗР.

До денот на завршување на ревизијата на првата, втората и четвртата подделница, ревизијата констатирала дека се појавиле 11 нови свлечишта, а наведува дека се можни и нови, кои дополнително би можеле да наложат потреба од нови измени и дополнувања на основниот проект за надминување на состојбите. Ова, како што се наведува, води до пролонгирање на рокот за завршување на автопатот и дополнителни финансиски средства.
Од ДЗР како следни делници по големина кои биле опфатени со ревизијата се наведува надградбата и развојот на патот Ранковце–Крива Паланка, за кој се инвестирани вкупно околу 2,7 милијарди денари (околу 45 милиони евра). Патот е со должина од 25,5 километри.
Според цената на чинење за изградба на еден километар од приближно 5,9 милиони евра, следна по големина е автопатската делница Скопје–Блаце.
„Со најниска цена на чинење е регионалниот пат, делница Извор–Гарски мост (патен правец Дебар–Кичево), чија должина е 19 километри, при што за изградба на 1 километар од делницата инвестирани се 30 152 000 денари (приближно 489 илјади евра)“,
велат од ДЗР.
Нерационално користење на јавни средства
Ревизијата, исто така, утврдила дека 21 проект за изградба, рехабилитација и реконструкција на патни делници и изградба и инсталација на електронски систем за наплата на патарини, во износ од 14 430 650 000 денари (приближно 234 милиони евра), иако се ставени во употреба и се користат, во сметководствената евиденција на ЈПДП не се соодветно признати како недвижности.
„Како причина за оваа состојба се наведува неизвршениот технички прием поради нерасчистени имотноправни односи при експропријација на земјиште, изградени локални патишта кои не се предадени на општините, изградена и непредадена автопатската делница Демир Капија–Смоквица со Министерство за финансии и несоодветна алокација на инвестиции по проекти. Овие средства генерираат приход, без притоа да бидат признаени соодветни расходи, односно за нив не е пресметан и признаен трошок за амортизација во претходниот период и во тековната 2022 година“,
се наведува во соопштението од ДЗР.
Оттаму велат дека се констатирани и состојби кои претставуваат нерационално користење на јавни средства и ја доведуваат во прашање нивната оправданост.
„Имено, во периодот од 2015 до 2022 година направени се вложувања во проекти и недовршени градби, трошоци по основ на камати, еднократни и провизии за неповлечени средства, експропријации и други непознати трошоци, во вкупен износ од 1 924 211 000 денари (приближно 31 милиони евра), за кои поради недоволни информации и/или соодветна документација не е позната потребата од нивна набавка и нивната употребна вредност“,
велат од Државниот завод за ревизија.

Од извршениот увид во деловните книги на претпријатието државните ревизори утврдиле дека 96 отсто од градежните објекти или околу 61,3 милијарди денари претставувале линиски инфраструктурни објекти, кои не биле евидентирани во катастарот на инфраструктурни објекти во Агенцијата за катастар на недвижности. Причина за тоа биле тешкотиите во обезбедување одобренија за употреба од Министерството за транспорт и врски.
Во извештајот на ревизорите е наведено и дека, откако ревизијата утврдила неправилности за пресметана даночна основа и помалку пресметан и уплатен данок на добивка за 2022 година во државниот буџет чиј износ бил 27 525 000 денари, од ЈПДП презеле ангажман и на крајот на минатата 2023 година го уплатиле целосниот износ на трезорската сметка.
Ревизорите констатирале и дека уплатените средства на сметката на Јавното претпријатие за државни патишта за надоместок за патната такса од регистрација на моторни возила, нецелосно се трансферирале до општините.
„Имајќи го предвид вкупниот приход по овој основ во периодот 2016–2022 година, ревизорите утврдиле дека за 63 отсто помалку се распределени средства по општините, односно не се распределени 3 580 588 000 денари или приближно 58 милиони евра“,
се вели во соопштението на ДЗР.

Слаба примена на електронската наплата на патарина
Извршената ревизија утврдила и дека електронскиот систем за наплата на патарините е функционален во текот на цела година кај 7 наплатни станици, а во вторите шест месеци од 2022 година почнал да функционира кај уште две наплатни станици. Пет наплатни станици, наведуваат од ДЗР, немаат воспоставена електронска наплата на патарина.
Анализите покажале дека во просек само 13 отсто од вкупните приходи од патарини во 2022 година биле од електронска наплата, преку користење смарт-картица и уред М-таг.
Најголема примена на системот е забележана кај наплатната станица „Гевгелија“ од 29 отсто, додека најмала е примената кај наплатната станица „Преод“ од 13 отсто. Имајќи предвид дека со користењето на електронската картица и уред М-таг за наплата на патарините се обезбедува подобрена и ефикасна услуга за нивна наплата, со што се овозможува функционирање на унифициран и целосно интероперабилен систем за патарина на автопатиштата низ државата, со ревизијата е укажано на потребата од поголема промоција на можноста за нејзина употреба.
Државниот завод за ревизија од извршената ревизија на состојбите во ЈПДП во однос на финансиските извештаи за 2022 година и за усогласеноста со законската регулатива изразува неповолно мислење.
„Со извршената ревизија констатирани се и низа други состојби, неправилности и неусогласености од различна природа, кои влијаат на изразување на неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2022 година и за усогласеноста со законската регулатива. За надминување на констатираните состојби дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности од надлежните лица и органи во функција на подобрување на состојбите“,
се наведува на крајот на соопштението.