На 12 август 2022 година во крвав пир, налик на вчерашниот, во селото Медовина близу Цетиње беа убиени 11 лица, меѓу кои и две деца, а неколкумина беа ранети. Лицето кое го изврши тогашниот напад, 34-годишниот Вук Бориловиќ, беше убиен во престрелка со полицијата
Во врска со вчерашното повеќекратно убиство, според црногорски „Вијести“, во џебовите на осомничениот Ацо Мартиновиќ, кој се самоуби, биле пронајдени 80 куршуми. Покрај муницијата, во рамката на неговиот пиштол биле пронајдени уште неколку куршуми, калибар девет милиметри, неофицијално дознава медиумот
Вчерашното повеќекратно убиство во Цетиње е второ во овој црногорски град за помалку од две и пол години, потсетуваат дел од регионалните медиуми.

На 12 август 2022 година во крвав пир, налик на вчерашниот, во населбата Медовина во Цетиње беа убиени 11 лица, меѓу кои и две деца, а неколкумина беа ранети. Лицето кое го изврши тогашниот напад, 34-годишниот Вук Бориловиќ, беше убиен во престрелка со полицијата.
На настанот, како што пишуваа тогаш црногорските медиуми, му претходела семејна расправија, по која Бориловиќ зел ловечка пушка, излегол на улица и по случан избор почнал да убива луѓе, меѓу кои и две деца.
Тој, според извештаите, пукал и врз екипите на итната помош, оневозможувајќи ги да дојдат до ранетите, како и врз полицијата. Во размена на оган со полицијата, Бориловиќ беше ранет, а потоа им подлегна на повредите.
Тогашниот премиер на Црна Гора, Дритан Абазовиќ, масакрот го оцени како трагедија каква што Црна Гора не памети.
Во вчерашниот масакр во Цетиње смртно настрадаа 12 лица, а најмалку четворица се повредени и се хоспитализирани во Клиничкиот центар на Црна Гора во Подгорица (КЦЦГ). Здравствената состојба на тројца од повредените е стабилна, но и натаму животозагрозувачка, додека кај четвртото лица таа е критична и лекарите се борат за неговиот живот.
Осомничен за вчерашното повеќекратно убиство во Цетиње е Ацо Мартиновиќ, кој почина на пат кон болница, откако самиот се застрелал во главата пред да биде уапсен од полицијата.
Ацо Мартиновиќ злосторството го започнал во ресторанот „Велестово“ во близина на Спортскиот центар во Цетиње, а потоа продолжил и надвор од него.
Сѐ почнало по инцидент меѓу Мартиновиќ и гостин на ресторанот, по што тој отишол дома, зел пиштол и се вратил назад во угостителскиот објект. Таму убил четири лица.
Потоа застрелал и усмртил уште неколку члена на своето семејство, како и две деца на возраст од 10 до 13 години. Дел од црногоските медиуми јавуваат дека станува збор за братчиња.

Според црногорски „Вијести“, во џебовите на Мартиновиќ биле пронајдени 80 куршуми. Покрај муницијата, во шаржерот на неговиот пиштол биле пронајдени уште неколку куршуми, калибар девет милиметри, неофицијално дознава медиумот.
Инспектори за крвни деликти денеска повторно ја обиколиле кафеаната „Велестово“, во која Мартиновиќ го почнал крвавиот пир, убивајќи четири лица. Потоа убил уште четири лица и ранил едно лице во Бајице, а потоа убил две деца во населбата Хумчи. На крај ја убил и својата сестра, и уште едно лице во Доњи Краји.
Во Црна Гора е прогласена тридневна жалост, која почна денеска. Знамињата се спуштени на половина копје и се откажани сите настани. Според локалните медиуми, во Цетиње владее кобна тишина и по улиците може да се забележи само по некој минувач.
Градоначалникот на Подгорица, Саша Мујовиќ, најави дека вечерва во 19 часот на Плоштадот на независноста граѓаните организирано ќе запалат свеќи за жртвите од масакрот во Цетиње.
„Уште еднаш сме сведоци на непредвидливоста на животот и како за миг славата и радоста им отстапуваат место на болката и тагата. Подгорица отсекогаш била и ќе биде со престолнината, раните на нашето Цетиње подеднакво нè болат и нас“,
изјави Мујовиќ.
Црногорскиот премиер Милојко Спајиќ за утре свика вонредна седница на Советот за национална безбедност на која ќе се разговара за носење итни мерки за откривање и конфискација на нелегално оружје, јакнење на безбедносните институции и подготовка на нов Закон за оружје со построги контроли.