Девет месеци откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ објави дека ги замрзнува односите со шефот на државата, на повидок е топење на мразот, по изјавата на претседателот дека осудените за крвавиот четврток не се терористи, туку насилници
Следната среда ќе се заокружат две години од инаугурацијата на Пендаровски – период што беше исполнет со повеќе осцилации во неговите релации со опозицијата
На 27 април 2017 година сегашниот претседател Стево Пендаровски беше меѓу пратениците од новото владејачко мнозинство, кои беа цел на насилниците што влегоа во Собранието за да го оневозможат завршувањето на конститутивната седница на претходниот парламентарен состав. Пендаровски, како носител на листата на СДСМ во првата изборна единица на изборите во 2016 година, беше меѓу пратениците што гласаа за избор на Талат Џафери за претседател на Собранието, додека толпата која со месеци протестираше пред законодавниот дом упаѓаше во Собранието и во пленарната сала.
Четири години подоцна, Пендаровски, од позиција на претседател на државата, настапи со драстично помека квалификација од судот во однос на делото за кое веќе ги издржуваат високите затворски казни дел од директните учесници во насилствата за време на т.н. крвав четврток.
„Јас првично ги прашував луѓето околу мене за какво кривично дело се гонат. Јас знам дека такво кривично дело, мислам таква формулација, немаше на времето, ниту во бивша Југославија ниту во 90-тите години. Тоа е подоцна прифатено. Бидејќи јас нешто знам околу тероризмот и околу безбедносните проблеми и дилеми, тврдам дека тие луѓе што влегоа не беа терористи“,
изјави Пендаровски минатата недела во интервју за Канал 5.
Различни реакции на изјавата за 27 април
Иако потоа Пендаровски објаснуваше дека не се планира нова амнестија или аболиција за 27 април, неговата изјава во однос на квалификацијата на делото првично не наиде на одобрување меѓу пратеници од СДСМ од сегашниот состав.
„Она што се случи на 27 април беше рушење на уставниот поредок. Сите бевме сведоци што се случи пред четири години, дека тоа беше напад на домот на демократијата и за тоа следуваше судска постапка, каде што веќе делото е завршено, а судот е оној што треба да одлучи дали станува збор за тероризам или насилство“,
изјави пратеничката Даниела Маркоска.
Од друга страна, изјавата на Пендаровски, веројатно, предизвика позитивна реакција кај опозициската ВМРО-ДПМНЕ, што денес резултира со најава за средба на шефот на државата со опозицискиот лидер Христијан Мицкоски, кој минатата недела се приклучи на протестите за „слобода на уставобранителите“, откако пред две години неговата партија не успеа да издејствува целосна амнестија на осудените за крвавиот четврток.
Мицкоски денеска го свртел телефонскиот број на Пендаровски и разговорот меѓу нив завршил со договор за средба, на која, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, би се разговарало за темата што ја отвори Пендаровски во врска со осудените за 27 април и за актуелната политичко-економска состојба.
Следната среда ќе се заокружат две години откако Пендаровски ја презеде претседателската функција, по изборите на кои извојува победа над кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова. Тие две години поминаа во знак на осцилации во релациите меѓу Пендаровски и сегашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, од „кохабитација“ до искричења и замрзнување на односите.
Девет месеци замрзнати односи
За разлика од неговите претходници, Пендаровски го почна мандатот како „признаен претседател“, чиј легитимитет не го оспорува опозицијата, независно од критиките што неретко ги упатуваше и на негова адреса. Мицкоски учествуваше редовно на лидерските средби што ги свикуваше Пендаровски, почнувајќи од есента 2019 година, кога беа договорени ланските предвремени избори, па се до одлуката изборите да се одржат на 15 јули, откако беа одложени поради ковид-кризата и вонредната состојба.
Но, по изборите, Мицкоски објави дека ВМРО-ДПМНЕ ги замрзнува односите со Пендаровски и дека ќе ги преиспита политиките кон него, откако претседателот му го даде мандатот за формирање на новата Влада на Зоран Заев, без, како што се тврдеше, тој да достави доказ дека има мнозинство во Собранието.
Во декември минатата година, кога Пендаровски по вторпат се обраќаше пред парламентот, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ извадија траснпаренти пред собраниската говорница и брзо потоа ја напуштија салата, така што говорот останаа да го слушаат само претставниците на владејачкото мнозинство.
Меѓу Мицкоски и носителите на извршната власт во земјава имаше несогласувања и во врска со спорот со Бугарија. Најновите искричења со Пендаровски, пак, се случија по собраниската седница на која беа донесени законите што произлегоа од петтиот сет антикризни мерки, додека на седницата претходно парламентарното мнозинство обезбеди кворум, така што во Собранието дојдоа двајца пратеници позитивни на ковид-19, облечени во скафандери.