„360 степени“ потсетува на настаните што ѝ претходеа на смената на власта во 2017 година, како и на случувањата што произлегоа потоа како последица од упадот во Собранието
Со дијаметрално спротивни ставови на власта и на опозицијата за настаните на 27 април 2017 година, поделеност меѓу нивните поддржувачи во однос на толкувањето на случувањата, со неколку судски пресуди, но и без правна разврска за тоа кои се организаторите поминува уште една годишнина од упадот во Собранието, пред промената на власта во земјава.
Да не беа предвремените парламентарни избори во јули минатата година, на претходниот деветти собраниски состав можеби токму денес ќе му завршеше мандатот, кога се заокружуваат четири години од завршувањето на конститутивната седница, која ќе остане запаметена како најдолга и најнасилна досега. Десеттиот собраниски состав, пак, кој го троши осмиот месец од функционирањето, дури сега ќе го почнеше својот мандат и прашање е дали распоредот на сили во него ќе беше како сегашниот, кога тенкото мнозинство од 62 пратеници постојано се соочува со проблеми со кворумот и со отсуства наметнати од епидемијата, додека опозицијата ги користи сите механизми што ѝ стојат на располагање за блокада на законодавниот дом.
Изборот и реизборот на Џафери
Многу промени се случија на политичката сцена во изминатите четири години откако во Собранието конечно беше пробиен патот за смена на власта, односно за избор на новата влада на СДСМ и на ДУИ, чија коалиција од септември минатата година почна да го раситнува и вториот мандат на „Илинденска“. Се сменија и дел од главните актери во случувањата што ѝ претходеа на промената на власта. Сепак, некои работи не се трансформираа позначително.
Во овие четири години, парламентот не успеа да донесе измени на Деловникот за работа, и покрај повеќемесечниот дијалог „Жан Моне“, чија првична цел беше да се интервенира во правилата за одржување на конститутивната седница, односно таа да се ограничи на два или три дена. Идејата беше во иднина да се избегнат сценарија како на стартот на минатиот собраниски состав, кога конститутивната седница почна на 30 декември 2016 година, а заврши речиси четири месеци подоцна – на 27 април 2017 година, со изборот на Талат Џафери за прв парламентарец, додека во Собранието влегуваа стотици демонстранти, кои со месеци пред тоа протестираа пред собраниската зграда против т.н. тиранска платформа.
Иако во собранискиот Деловник останаа старите правила, реизборот на Џафери во август минатата година помина во многу поконструктивна атмосфера, за разлика од неговиот прв избор на чело на парламентот, додека од почетокот до завршувањето на оваа конститутивна седница поминаа „само“ петнаесетина дена.
Но, и во новиот мандат на Џафери не му е лесно да издејствува промени на собраниските правила. Неговиот предлог за измени на Деловникот, за да се овозможи онлајн-вклучување на пратеници што се во изолација, се најде на подолгата листа на предлози што се блокирани од опозицијата – со амандмани или во матичните комисии.
ВМРО-ДПМНЕ пак излезе на протести
Во неделата опозицијата излезе на протест за ослободување на осудените за настаните на 27 април, кои не добија амнестија со законот што беше донесен на крајот на 2018 година, пред прогласувањето на уставните измени што произлегоа од Преспанскиот договор, а со кој беа исклучени од ослободување од одговорност организаторите и директните учесници во насилствата во Собранието.
Всушност, освен смената на власта во 2017 година, со настаните од 27 април е поврзана и смената на кормилото на ВМРО-ДПМНЕ. Никола Груевски реши да се повлече од лидерското место во партијата, по средбата што ја имаше со Зоран Заев во кабинетот на поранешниот претседател Ѓорге Иванов, веднаш по приведувањето на 36 осомничени за „крвавиот четврток“ кон крајот на ноември 2017 година, меѓу кои првично беа осомничени шестмина пратеници.
Во тој период ВМРО-ДПМНЕ секојдневно одржуваше протести пред судот и затворот во Шуто Оризари за ослободување на осомничените, но кратко време по смената на партиското кормило, протестите беа прекинати. Сега, кога ВМРО-ДПМНЕ брои уште неколку месеци до новиот изборен конгрес, партијата повторно излезе на протест за ослободување на оние што во меѓувреме беа осудени и веќе ги издржуваат повеќегодишните затворски казни за учеството во насилствата во парламентот.
Што се случи со судските процеси
Судењето за организацијата на настаните од 27 април трае повеќе од една година
Поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, тогашниот директор на УБК, Владимир Атанасовски, ексразузнавачот Никола Бошковски, на чело со експремиерот Никола Груевски, беа посочени од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција како организатори на настаните. Во февруари лани на обвинителна клупа за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста седнаа четворица од нив: Вељаноски, Јанакиески, Ристоски и Атанасовски. Судскиот процес што се води во време на пандемија сè уште нема разврска пред Основниот кривичен суд во Скопје. Денес тој се наоѓа во завршна фаза, а се очекува наскоро да биде има и пресуда.
Груевски и Бошковски, кои избегаа (едниот во Унгарија, другиот во Грција), беа опфатени во истрагата, но не се најдоа на листата обвинети. Постапката за нив ќе продолжи кога тие ќе бидат пронајдени.
За терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста пред Кривичниот суд во Скопје се водеше уште еден предмет, пообемен од тој за организацијата. Во него имаше над 30 обвинети, меѓу кои функционери и началници од МВР, водачи на патриотските здруженија кои во тој период со денови протестираа, учесници во насилствата… Од нив, 15 добија амнестија, вклучувајќи ги и петтемина тогашни пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Тој судскиот процес правосилно со пресуда заврши за 17 лица, од кои 16 се осудени на затворски казни, од кои највисоката (16 години) ја има тогашниот директор на БЈБ, Митко Чавков. Единствено ослободителна пресуда доби Игор Дурловски.
Уште еден судски процес што заврши беше за обидот за убиство на Зијадин Села, кој беше најповреден при упадот во Собранието, а за кој во одреден период во критичната ноќ не се ни знаеше дали е жив. На затворски казни од 10,5 до 13,5 години беа осудени седум лица. Исто така, се водеа уште неколку други случаи за учество во толпа и за насилство.
Судските предмети, пред сè тој за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, често се и предмет на политичките ветувања од ВМРО-ДПМНЕ, која најавува нивна ревизија.
„Срамни пресуди од Граѓанскиот суд за новинарите“
Кога се во прашање судските процеси, како срамни од новинарската фела беа оквалификувани одлуките на Основниот граѓански суд во Скопје да ги отфрли тужбите на новинарите кои критичната ноќ беа во Собранието и известуваа за случувањата.
Последната беше пред неколку недели кога Судот како неоснована ја одби тужбата на новинарот на „Сакам да кажам“ (СДК), Горан Трпеновски, кој бараше отштета од државата поради претрпен страв и повреда на слободата на изразување. Во образложението Судот наведе дека тој не бил повреден, туку било предизвикано само чувство на страв, па затоа не може да бара надомест од државата, како и дека порталот во кој работи не е медиум, а тој не е новинар според Законот за медиуми.
Слични одлуки судот донесе и за новинарките Наташа Стојановска и Душица Мрѓа, вработени во телевизии. Во образложението беше наведено дека тие не доставиле докази дека им било повредено правото на слобода на изразување, додека во однос на претрпениот став беше истото образложение како и за Трпеноски – немале телесна повреда.