Лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, кој беше повреден при упадот во Собранието на 27 април 2017 година, вели дека вчерашниот протест за поддршка на осудените е скандал.
Во изјава за „Дојче веле“, тој вели дека не само што осудените не се невини туку треба да се види уште колку виновни се на слобода, алудирајќи на тогашниот министер за внатрешни работи од редовите на ДУИ, Агим Нухиу, и на пратениците што ги отворија вратите. Според Села, единствениот невин е осудениот припадник на собраниското обезбедување Абдулфета Алими.
„Чудно е што досега некои се обидуваа да се оградат од тие настани сакајќи да покажат дека се реформирани. Вчерашниот протест е скандал. Не само дека се терористи тие што се во затвор и оние што тоа го организираа однадвор, туку се и хулигани, варвари и кукавици. И сите што нив ги поддржуваат треба да знаат дека на такви кукавици им даваат поддршка. Други се тие невини лица што лежат во затвори, тоа се Албанци на кои им се монтираат политички процеси. Вчерашниот протест уште еднаш гласно покажува дека некој во Македонија сака да воспостави двојни аршини, а тоа не е добро за државата“,
вели Села за „Дојче веле“.
За обид за убиство на Села за време на упадот во парламентот, се водеше и посебен судски процес во кој седум лица добија затворски казни од 10,5 до 13,5 години затвор.
Во најобемниот судски процес, пак, за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста 16 лица се веќе правосилно осудени на затворски казни од кои највисоката (16 години) ја има тогашниот директор на БЈБ, Митко Чавков. Единствено ослободителна пресуда доби Игор Дурловски. Во овој предмет имаше и амнестии за 15 лица, меѓу кои и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.
Во Основниот кривичен суд во Скопје во тек е и процес за организацијата на настаните, во кој се осомничени поранешниот претседател на Собранието Трајко Велјаноски, поранешните министри Спиро Ристовски и Миле Јанакиески и тогашниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Бившиот премиер Никола Груевски и ексразузнавачот Никола Бошковски беа опфатени во истата истрага, но обвинение за нив би имало кога ќе бидат достапни за органите на прогонот.
На вчерашниот протест, кој беше поддржан и од ВМРО-ДПМНЕ, која тврди дека беше организатор, беше побарано пресудите да се укинат од страна на Врховниот суд бидејќи и според опозицијата и според учесниците на протестот осудените се „уставобранители“. Исто така, беа упатени и барања за предвремени парламентарни избори.