Поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, и бившиот директор на УБК, Владимир Атанасовски, изјавија дека не се чувствуваат виновни за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста во предметот за организацијата на настаните во Собранието на 27 април 2017.
Откако обвинителката Вилма Русковска ги даде воведните зборови, тие се произнесоа за вината, при што Вељаноски рече дека ова е политички прогон.
„Го разбирам обвинението и разбирам дека нема никакви докази. Овој предмет е класичен политички прогон со цел да се влијае на гласањето за уставните измени за што има докази, а во најскоро време и јавноста ќе биде запознаена. Ни најмалку не се чувствувам виновен“,
рече поранешниот претседател на Собранието.
Следен се произнесе и ексминистерот Спиро Ристовски, кој исто така алудираше на политички прогон.
„Го разбрав обвинението. Апсолутно не се чувствувам виновен бидејќи станува збор за класичен политички прогон“, рече Ристовски.
Јанакиески, пак, најави дека ќе се дознае вистината за „27 април” преку реконструкција на настаните.
„Активно ќе бидам вклучен, ќе пробам да направам реконструкција на предметот и ќе пробам целата македонска јавност да ја дознае вистината за 27 април. Не се чувствувам виновен и тоа ќе го докажам и во моите воведни зборови и во текот на постапката“,
порача Јанакиески.
Владимир Атанасовски последен во произнесувањето само кратко порача дека не се чувствува виновен.
По ова судијата Илија Трпков го заврши денешното рочиште и најави дека на следното, кое е закажано за 9 март, адвокатите и обвинетите ќе даваат воведни зборови, но и ќе бидат повикани двајца сведоци на обвинителството, актуелниот технички премиер Оливер Спасовски и Михаил Младеновски, кој беше еден од обвинетите во претходниот процес за „27 април“, но доби амнестија.
Споредба на „27 април“ со прогоните во 1948-та
Адвокатите на обвинетите, пак, кои ќе дадат воведни зборови на наредното рочиште, по излегување од судницата пред медиумите дадоа свој коментар на овој судски процес. Еден од нив дури го спореди судскиот процес и со 1948 година, период за кој е карактеристичен затворот на Голи Оток каде што биле носени политички затвореници, меѓу кои и Никола Кљусев, Панко Брашнаров, Петре Пирузе…
„Начинот на кој се води ова судење и начинот на постапување на обвинителството е во најдобрите традиции на судењата од 1948 година кога врз основа на измислени сведоци беа осудувани голем број патриоти и луѓе кои се бореа за независна Македонија“,
изјави Јордан Апостолки, адвокат на Владимир Атанасовски.
Еленко Миланов, пак, кој е еден од адвокатите на останатите тројца обвинети, е уверен дека не постојат докази против неговите клиенти. Тој во изјавата алудираше дека Русковска нема докази дека Спиро Ристовски и Миле Јанакиевски праќале пораки на членството на ВМРО-ДПМНЕ, како и дека Трајко Вељаноски постапувал спротивно на деловникот.
„Во конкретниот случај не можете да видите посочување на ниту еден доказ. Не постои доказ за никаква порака или организирање од Спиро и Миле на кого било, не постои организиран превоз тој ден ниту доказ за такво нешто. Ниту, пак, постапување на господинот Трајко Вељаноски согласно деловникот на Собранието може да биде сторување на кривично дело, а најмалку кривично дело тероризам. Ако иницијална каписла била некоја химна, каде што е тој човек, го нема ниту во листата на сведоци на обвинителството, немаме негова изјава, немаме ништо“,
рече Миланов.
Русковска, пак, во изјава за медиумите не ги коментираше наводите на обвинетите во судница. Кратко посочи дека дали има докази или нема треба да оцени судот.