Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ дава поддршка на како што велат сенародниот протестен марш за „слобода за уставобранителите“ кој ќе се одржи денеска со почеток од 11 часот пред Влада, од каде ќе се продолжи кон Собранието.
„Правда за уставобранителите! И еден ден во затвор како неправедно осуден е тежок како година. Не смееме да ја премолчиме неправда, затворот на правдина е најтежок, а општеството не смее да дозволи импровизации. Уставобранителите се во затвор, а полицијата на Спасовски им дава закрила на ИСИС, турската, српската, албанската и италијанската мафија. Тоа значи дека е изгубено секое мерило на праведно расудување и секоја неправда мора да се исправи“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од ВМРО-ДПМНЕ, во изминатите седмици, неколкупати посочуваа дека не се директни организатори на протестот, туку дека ќе го поддржат.
Претходно, поддршка даде и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Правдата не смее да биде слепа. И еден ден во затвор на неправедно осуден е тежок како година. Македонија не смее да ги заборави своите синови. Слобода за уставобранителите и поддршка на општонародниот протест“,
нашиша Мицкоски на Фејсбук.
Повици за учество на протестот веќе неколку дена испраќа и оперскиот пејач Игор Дурловски, единствениот кој доби ослободителна пресуда во големиот судски процес за насилствата од 27 април, додека другите обвиниети или добија високи затворски казни или беа амнестирани. Дурловски, кој на последните парламентарни избори беше носител на кандидатската листа на ВМРО-ДПМНЕ во петтата изнорна единица, а потоа се повлече од парламентот, соопшти на фејсбук дека тој ќе ја пее химната на денешниот протест, два дена пред датумот кога се заокружуваат четири години од настаните при првиот избор на Талат Џафери за претседател на Собранието.