До крајот на месецов закажано е уште едно рочиште, а во март се определени термини за четири. Наредниот месец обвинетите треба да дадат одбрана односно, како што велат од судот, предметот влегува во завршна фаза

13 февруари 2019 – денот кога автобусот на превозникот „Дурмо турс“, кој возеше на редовната линија од Скопје кон Гостивар, во попладневните часови излета од патот.
Во несреќата загинаа 16 патници, а 37 беа тешко повредени.
Две години од тогаш, судскиот процес кој се води пред Основниот кривичен суд во Скопје сè уште се наоѓа во доказна постапка, а очекувањата се дека наредниот месец тој ќе влезе во завршна фаза.
Во случајот обвинети се шест лица: сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари, и возачот на автобусот, Маноил Трифуновски, како и тројца вработени во станицата за технички преглед. Првите тројца се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека останатите за соучество во истото дело.

Судскиот процес започна на 5 септември 2019, а претседателка на судечкиот совет е судијката Дијана Груевска-Илиевска. Последното судско рочиште се одржа минатиот понеделник (8 февруари 2021). Досега, според информациите од Основниот кривичен суд, биле закажани 61 рочиште за главна расправа од кои 6 биле одложени бидејќи имало мерки за самоизолација поради ковид-19 за еден обвинет и еден член на судечкиот момент.
До овој момент, изведени се доказите на јавниот обвинител од ОЈО Скопје, Дарко Јакимовски, и сослушани се 46 оштетени лица или нивните адвокати, осум оштетени патници се сослушани како сведоци и дополнително уште осум други сведоци. Сведочеле и 12 вештаци.

„По предлог на одбраната, пак, до овој момент сослушани се 4 вешти лица – технички советници и 4 сведоци. Следните закажани расправи се за 18 февруари 2021 година како и за четири термини во март (2, 15, 23 и 20 март 2021) за кога е предвидено да се сослуша уште еден вештак и обвинетите да дадат одбрана, односно предметот влегува во завршна фаза“,
велат од Основниот кривичен суд.
Од судот велат дека овој судски процес, ако се земат предвид условите за работа во време на пандемија, се оди според планираниот интензитет односно често се закажуваат рочишта и се почитува начелото за судење во разумен рок.
Меморијален марш во чест на жртвите

Група граѓани минатата година, на годишнината од несреќата лани одржаа меморијален марш во чест на 16-те загинати, а истиот ќе се одржи и денеска. Поддршка на иницијативата и оваа година даде и Општина Гостивар.
Според најавеното, предвидено е маршот да започне во 16:30 часот од наплатната рампа во Гостивар, а да заврши во 17:45 часот на градскиот плоштад. Таму треба да се одржи и симболична церемонија во спомен на жртвите и за солидаризирање со нивните семејства.