Сите седуммина хоспитализирани на Инфективната клиника се на возраст над 60 години со претходни заболувања и се од Скопје, а само еден патувал надвор од државата
Двајца пациенти на возраст од 66 и 76 години, кои се меѓу седуммината хоспитализирани со западнонилска треска на Клиниката за инфективни болести во Скопје, се наоѓаат во критична здравствена состојба, соопшти директорот на Клиниката, Фадил Цана.

Како што кажа тој, овие пациенти се сместени на одделот за интензивно лекување и се приклучени на механичка вентилација, а во текот на денот се очекуваат лабораториските резултати од Институтот за јавно здравје за уште тројца пациенти кои се примени со акутно заболување на мозокот и мозочната обвивка, за кои постои големо сомнение дека се заразени од истиот вирус.
Сите седум потврдени случаи, како и тројцата суспектни, се жители на неколку различни скопски населби, а Цана кажа оти станува збор за лица на возраст над 60 години кои имаат повеќе хронични заболувања, што ги става во најризичната група за развој на тешка инвазивна форма на вирусот. Од сите хоспитализирани, само еден пациент претходно патувал во Грција
„Шеесет и шестгодишниот пациентот е хоспитализиран на 26 јули и поради влошување на неговата здравствена состојба и според процена на лекарите од одделот за интензивна нега, е интубиран и поставен на механичка вентилација. Тој не патувал надвор од државата и има многу коморбидитети. Сите други пациенти се на возраст над 60 години и со многу коморбидитети. Тие се стабилни и се лекуваат според сите современи медицински протоколи. Таа возрасна група е изложена на најтешката инвазивна форма на вирусот“,
изјави Цана.
Цана изјави дека за западнонилската треска не постои специфичен лек, туку се применува исклучиво супортивна терапија за третирање на симптомите, согласно современите светски медицински протоколи, но и дека клиниката останува целосно отворена и подготвена за згрижување на пациентите во координација со здравствените власти, а до граѓаните е упатен апел да ги следат превентивните препораки од надлежните служби.
