Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје извршил увид на местото, по кој издал наредба за обдукција на телото на почината. Издадени се наредби и за обезбедување снимки од видеонадзор на локацијата на несреќата.
Дваесетгодишниот возач на автомобилот е задржан и за него е издадена наредба за испитување на крв и урина
Дваесет и двегодишна девојка го загуби животот во сообраќајна несреќа што се случи синоќа на булеварот „Партизански одреди“, кога во неа удрил автомобил зад чиј волан било две години помладо момче.

Од ударот, како што соопштија од републичкото Јавно обвинителство, девојката се здобила со тешки телесни повреди и починала на самото место.
Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје извршил увид на местото, по кој издал наредба за обдукција на телото на почината. Издадени се наредби и за обезбедување снимки од видеонадзор на локацијата на несреќата, како и преземање на сите други дејствија за целосно испитување на настанот, се додава во соопштението на Обвинителството.
Дваесетгодишниот возач на автомобилот, марка „пежо“, исто така, е задржан и за него е издадена наредба за испитување на крв и урина.
Во информацијата за несреќата, од Министерството за внатрешни работи (МВР) за „360 степени“ велат дека сообраќајката била пријавена во Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје синоќа во 23:43 часот.
Во полицијата било пријавено дека на булеварот „Партизански одреди“, патничко возило „пежо 207“ со скопски регистарски ознаки што го управувал В. Ј. (20) од Скопје, удрило во 22-годишната Ф. К., исто така, од Скопје, која се движела пеш.
„Од здобиените повреди, на местото на несреќата починала Ф. К., а смрт констатирал лекар од Итната медицинска помош. Увид на местото извршиле увидна екипа на СВР Скопје и јавен обвинител, по чија наредба телото на починатата било дадено на обдукција“,
велат од МВР.
Како што информираат оттаму, возачот на „пежото“ бил лишен од слобода и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Инаку, ова не е првпат на булеварот „Партизански одреди“ да се случи сообраќајна несреќа со тешки последици. Пред три години, односно на 20 јануари 2022 година на булеварот загина 24-годишна девојка од Радовиш, а момче кое било во друштво со неа беше повредено, кога во нив удри автомобил додека двајцата минувале на пешачки премин кај трговскиот центар „Сити мол“.