Од останатите партии, ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците не ги исклучуваат можностите за меѓусебна соработка, а од СДСМ, пак, не очекуваат прашањето за коалиции и кандидати за локалните избори да го отворат пред мај со оглед дека претстојат внатрепартиски избори и конгрес
Министерот за економија од редовите на ДУИ, Крешник Бектеши, верува дека неговата партија на претстојните локални избори ќе добие градоначалнички места во над 95 проценти од општините со мнозинско албанско население.
Консултацијата со граѓаните за проектите во изборната програма, вели тој, е веќе започната.
„Ние сме едногласни дека ДУИ треба да кандидира градоначалници во сите општини почнувајќи од Липково, па се до Струга. Така и ќе биде и сум убеден дека над 95 отсто од општините ќе бидат добиени од страна на ДУИ. Дополнително, веќе започнавме процес во кој треба да креираме програми за централната и локалната власт. Во локалната власт програмите ќе бидат поконкретни со време и со износ на проектите и ќе се прават во консултација со граѓаните. Консултацијата со граѓаните е веќе започна преку ограноците на ДУИ во општините кои ги наведов и во зависност од нивниот фидбек ќе ги креираме политиките. Ќе добиеме градоначалници во речиси сите општини со албанско мнозинство во скопскиот, но убеден сум и во полошкиот регион“,
вели Бектеши во интервју за МИА.
Локалните избори треба да се одржат во октомври годинава, а периодов зачестија изјавите на политичарите во врска со изборното соочување. Најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, бара паралелно со нив, да се одржат и предвремени парламентарни избори, нешто што за владејачкиот СДСМ, пак, ќе значи само кочење на државата.
- Прво нова влада, па предвремени парламентарни избори, најавува Мицкоски
- Заев: Ако има избори сега, ќе имаме 50, а ВМРО-ДПМНЕ 40 пратеници
Во јавноста почнаа и калкулациите за можното коалицијата. Од ВМРО-ДПМНЕ, но и од опозициската Алијанса за Албанците, не ја исклучуваат можноста за коалицирање.
Вчера потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во емисијата „360 степени“ рече дека е можна соработка со Алијанса за Албанците и Алтернатива за локалните избори, па и уште порано.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, пак, Зоран Заев, не очекува социјалдемократите да дебатираат и да одлучуваат околу ова прашање пред мај од причина што прво претстојат внатрепартиски избори за нов лидер, на кои тој ќе побара нов мандат, како и конгрес на СДСМ во април или во мај.
„Многу е рано. Понекогаш на некој од состаноците се нафрлаат вакви теми заради тоа што следно што доаѓа пред политичките партии се локалните избори. Тие се многу различни од парламентарните и претседателските и тука ќе се градат стратегии. СДСМ ќе ја отвори оваа работа во јуни-јули, кога ќе ги разгледува и кандидатите за градоначалници и советници и можните коалиции“,
изјави вчера Заев.
Сепак, тој веќе излезе со јавна поддршка за нов мандат на неколку градоначалници од неговата партија.
- Заев за подготовките за локалните избори: Прво избор на лидер на СДСМ, па конгрес, а в лето ќе се избираат партнери и кандидати за градоначалници
- Неколку актуелни градоначалници од СДСМ повторно ќе бидат кандидати – Заев наброја некои од нив
- Дел од скопските градоначалници се надеваат на нова кандидатура, иако (засега) ги нема на „списокот“ на Заев
