Според ДУИ, извештајот на Европската комисија јасно покажува дека главните пречки за напредок се токму опозициските партии кои ги блокираат уставните измени и европскиот пат на земјата
Според Демократската унија за интеграција (ДУИ), последниот извештај на Европската комисија за напредокот на земјата, потврдува дека Северна Македонија ги исполнува условите да го продолжи патот кон членството во Европската Унија.
Од партијата, преку соопштение, велат дека извештајот на Европската комисија е за поздравување и оти тој потврдува дека и покрај опструкциите и блокадите од опозицијата, како и енергетските, безбедносните и финансиските кризи, Република Северна Македонија ги исполнува условите да го продолжи патот кон членството во Европската Унија.
Од ДУИ велат дека според извештајот на ЕК, постигнат е напредок до 81 отсто од поглавјата и нема назадување во ниту едно поглавје, а што се однесува до подготвеноста на поглавјата има соодветно ниво на подготвеност до 90 отсто.
Според ДУИ, извештајот на Европската комисија јасно покажува дека главните пречки за напредок се токму опозициските партии кои ги блокираат уставните измени и европскиот пат на земјата.
„Забележан е голем напредок и поради фактот што Европската Унија го објави пакетот за проширување на Унијата и планот за раст на економиите на Западен Балкан и со овој план нашата земја има една милијарда евра на располагање и продолжува со реформите и процесот на интеграција, по пет месеци ќе го имаме првиот трансфер од овој нов Пакет“,
се нагласува во соопштението од ДУИ.
Од ДУИ апелираат до сите политички чинители, академскиот свет, граѓанското општество и медиумите да придонесат земјата успешно да го заврши новиот најголем предизвик од независноста, бидејќи, како што нагласуваат, нема друга алтернатива за да има поперспективен живот за сите нас.
Во Извештајот на Европската комисија за Северна Македонија за 2023 година, кој беше доставен пред три дена, беше нотирано дека во Северна Македонија има нарушена работа на Собранието поради политичка поларизација, злоупотреба на „европското знаменце“ во носењето закони, неусвојување на уставните измени, отсуство на реформа во јавната администрација, страшна состојба во затворите, голем број напади, закани и застрашувачко однесување кон новинарите, никаков напредок во областа на судството и во областа на превенција и борба против корупцијата.
Европската комисија забележува дека властите продолжиле да демонстрираат и јавно да ја објавуваат својата посветеност да напредуваат на нивниот пат кон ЕУ, но, нагласува, „сега кога започна процесот на пристапни преговори, треба да се забрза темпото на реформите поврзани со ЕУ“.
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, при врачувањето на Извештајот на Европската комисија за Северна Македонија за 2023 година од страна на еврокомесарот Дејвид Гир, истакна дека С Македонија продолжува со цврста заложба за спроведување на реформските процеси, поддржувајќи го Планот за раст за Западен Балкан.
По објавувањето на Извештајот, од СДСМ рекоа дека Европската комисија ги потврди фактите оти ДПМНЕ, Мицкоски и Левица се кочничари на напредокот кон ЕУ, обвинувајќи ја опозицијата дека ја блокира работата на Собранието, а со тоа и потребата да се донесат уставните измени.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, рекоа дека извештајот на Европската комисија (ЕК) за напредокот на земјава во 2023 година е одраз на тажната реалност, обвинувајќи ја власта дека не се посветува на реформите, туку дека е насочена кон стратегиски погрешни цели.