Ваква е реакцијата на опозициската ДУИ на денешната изјава на премиерот Христијан Мицкоски, во која тој рече дека ДУИ знае оти нема да се случи ништо на седницата на Уставниот суд во среда, кога на дневен ред ќе се најде оспорениот Закон за употреба на јазиците и дека ја користи ситуацијата за создавање етничка поделба
Сите аргументи укажуваат дека нашата загриженост за јазикот е реална и базирана на факти, велат од Демократската унија за демократија (ДУИ) во реакција на денешната изјава на премиерот Христијан Мицкоски, во која тој рече дека ДУИ знае оти нема да се случи ништо на седницата на Уставниот суд во среда, кога на дневен ред ќе се најде оспорениот Закон за употреба на јазиците и дека ја користи ситуацијата за да создаде поделба.

Од партијата на Али Ахмети оценија дека со денешната изјава, премиерот повторно јавно ѝ се заканил на, како што велат, политичката активност на политичките партии и ги злоупотребил државните институции за да ги задуши политичките и етничките гласови на незадоволство, со цел ширење страв преку инструментите на државата.
„Овие техники на политички закани и прогон, користени во најмрачните периоди на комунизмот, нема да успеат. Албанците низ вековите израснаа под вакви закани од полицијата и државниот апарат, чија цел беше потиснување на политичкиот активизам. Но, историјата докажала дека овие напори никогаш не успеале да ја спречат нашата волја за правда и еднаквост. Aпелираме премиерот да ги прекине заканите и неговата разединувачка и провокативна реторика. Не можете да исплашите никого, а најмалку народ кој отсекогаш бил подготвен да се жртвува за правда и еднаквост“,
пишува во реакцијата на ДУИ.
Оттаму ја оправдуваат својата загриженост за евентуалното укинување на одредби од Законот за употреба на јазиците и затоа, како што велат, постои широка мобилизација надвор од партиските кругови, со цел да се спречат обидите кои, според ДУИ, ја загрозуваат иднината на државата.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека ДУИ многу добро знае оти в среда, на седницата на Уставниот суд нема да се случи ништо, но дека ја користи можноста за злоупотреба на Албанците, Македоцните и останатите заедници, обидувајќи се да направи раздор и поделба.