Според ДУИ, помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и Левица се води „мртва трка“ за тоа кој е поголем антиалбанец, со што, како што велат, државата се враќа пред 2001 година
Владејачката Демократска унија за интеграција (ДУИ) ја обвини ВМРО-ДПМНЕ оти води бесмислена и неискрена кампања против изградбата на коридорите 8 и 10-д, што, како што велат од партијата, е целосно лицемерие оти од опозициската партија едно зборуваат на затворени состаноци, а друго во јавност.
Освен што е против изведбата на најголемиот инфраструктурен проект во историјата на земјава, велат од ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ се противи и на членството на земјава во Европската Унија и стратегиското партнерство со САД, а за сметка на тоа, има цел да го зацврсти руското присуство во земјата и регионот.
Меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Левица, велат од партијата, се води „мртва трка“ за тоа кој е поголем антиалбанец, со што државата се враќа пред 2001 година.
„Демонстрацијата на една единствена слика во маскирна униформа со празен калашников и опколен со жени и деца на испраќање на Мицкоски, како и повиците на војна во Собрание од страна на Николоски, имаат за цел дестабилизација на земјата и испраќање на порака кон Албанците дека тие се второстепени граѓани во државата“,
се вели во соопштението на ДУИ.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, односно нејзиниот потпретседател Александар Николоски денеска излезе со ново обвинување во врска со договорот кој државава го склучи со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ кој треба да ги гради автопатските делници од коридорите 8 и 10-д.
Согласно увидот кој го имал во договорот, тој вели дека од вкупниот број работници кои ќе учествуваат во изградбата на автопатите, само 30 отсто ќе бидат домашни, а останатите 70 отсто ќе бидат работници од странство.
„А, премиерот лаже дека најмалку 51 процент ќе бидат домашни работници. Пред мене ги имам точните податоци по година и по класификација на работници, каде што јасно може да се види дека 70 отсто ќе бидат странци“,
вели Николоски за „Фокус“.
Премиерот Димитар Ковачевски вчера на прес-конференција рече дека 51 отсто од работите, според договорот со „Бехтел и Енка“ треба да се изведат од страна на македонски изведувачи. Во овој контекст, тој кажа оти се надева дека ќе имаме и толку работници, механизација и материјали кои ќе можат да бидат имплементирани во проектот.
„Меѓутоа голем дел ќе биде и од странство, а тоа е на компанијата изведувач и проектант, ‘Бехтел и Енка’, кои веќе имаат искуство во изградба на вакви големи проекти и имаат искуство од каде и каков профил на работници ќе донесат за да се направи. Бидејќи 51 отсто треба да е од Северна Македонија се надевам дека ќе имаме и толку работници, механизација и материјали кои ќе можат да бидат имплементирани во проектот“,
рече вчера премиерот.