Американскиот Стејт департмент вчера соопшти дека палестинските претставници не ги исполниле обврските преземени во рамките на претходните договори за постигнување мир со Израел
Како причини се наведуваат продолжувањето на правните постапки против Израел пред Меѓународниот суд на правдата и Меѓународниот кривичен суд, како и исплатите на надоместоци на семејства на затвореници осудени за напади врз Израелци
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп втора година по ред одби да издаде визи за палестинска делегација на високо ниво, вклучително и за претседателот на Палестинската управа, Махмуд Абас, за учество на годишното заседание на Генералното собрание на Обединетите нации, пренесува Ен-би-си њуз.

Американскиот Стејт департмент вчера соопшти дека палестинските претставници не ги исполниле обврските преземени во рамките на претходните договори за постигнување мир со Израел.
Како причини се наведуваат продолжувањето на правните постапки против Израел пред Меѓународниот суд на правдата и Меѓународниот кривичен суд, како и исплатите на надоместоци на семејства на затвореници осудени за напади врз Израелци.
„Како последица на нивниот неуспех да спроведат реформи – спротивно на обврските преземени кон САД – и поради нивните тековни активности што ги поткопуваат изгледите за мир, САД ќе ги продолжат санкциите со кои се одбиваат визи за членови на ООП и претставници на Палестинската управа“,
соопшти Стејт департментот.
Одлуката е најновата во низата мерки на администрацијата на Трамп насочени кон ограничување на визите за палестински претставници и доаѓа во услови на продолжени тензии околу војната во Газа.
Палестинската делегација требаше да учествува на годишното заседание на Генералното собрание на ОН, каде што се очекува присуство на голем број светски лидери.
И покрај одбивањето на визите, Палестинците сепак ќе бидат претставени на високото заседание на Генералното собрание на ОН од страна на нивните дипломати кои веќе се акредитирани во Обединетите нации.
Минатата година преку видеообраќање учествгуваше претседателот на Палестинската управа, Махмуд Абас.
