Со овие измени се амнестираат од кривична одговорност актуелните функционери, но ќе ги користат и тие што веќе се осудени за ваков вид кривични дела. Поцелисходно е да се направи амнестија на тие што веќе се на издржување затворска казна во врска со настаните од 27 април 2017 година, со што ќе се коригира неправдата, велат од партијата на Павле Трајанов
Демократскиот сојуз на Павле Трајанов цени дека измените на Кривичниот законик, со кои, меѓу другото, се намалува и висината на казните затвор за злоупотреба на службената положба и за злосторничко здружение, широко ги отвораат вратите за натамошна криминализација и го промовираат принципот на легализација на високата корупција од носители на власта.
Оттаму укажуваат на неколку, според нив, клучни спорни елементи.
„Прво, донесувањето на законот се одвиваше во скратена постапка без поширока парламентарна и експертска расправа. Второ, постапката се водеше со европско знаменце со што се оневозможи преку амандмани, односно со филибастеринг, да се блокира усвојувањето на законот. И трето, министерот за правда бил против овие измени, но Владата сепак го достави законот до парламентот“,
велат од ДС.
Оттаму обвинуваат дека воопшто не држат образложенијата што ги дава премиерот и „платени“ експерти дека ќе се ефектуирала конфискацијата на имотот на функционерите криминалци, посебно проширената конфискација.
„Криминалците од власта најголем дел од украдените буџетски пари ги префрлаат на странски сметки во даночни раеви, кои се недостижни за правдата, а сомнителниот имот во Македонија го регистрираат на туѓо име. Сосема е извесно дека ова е брутален напад врз владеењето на правото и правдата. Со овие измени се амнестираат од кривична одговорност актуелните функционери, но ќе ги користат и тие што веќе се осудени за ваков вид кривични дела. Поцелисходно е да се направи амнестија на тие што веќе се на издржување на затворска казна во врска со настаните од 27 април 2017 година, со што ќе се коригира неправдата. Тогашната амнестија беше селективна и во функција на уставните измени поврзани со имплементацијата на Преспанскиот договор“,
реагираат од Демократскиот сојуз.
Експресните измени на Кривичниот законик предизвикаа жестоки реакции во јавноста. Вчера и претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, изјави дека е фрапирана од тоа како се однесени измени, за кои таа лично не знаела.
Премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања вчера, рече: „Ако го прочитате Законот, тогаш ќе видите дека нема никакво помилување и никаква амнестија за никого, туку, напротив, има конкретизација на кривичните дела што некој ги направил“.
ПОВЕЌЕ НА ОВАА ТЕМА: