Бугарскиот премиер Румен Радев свикал итен состанок со претставниците на надлежните институции во врска со инцидентот
Сите 18 членови на екипажот на другиот брод се спасени и во моментов се транспортираат во Варна, каде ќе бидат пренесени во тамошните болници за прегледи
Два брода синоќа биле нападнати од беспилотни летала во Црното Море, во ексклузивната економска зона на Бугарија, пренесуваат тамошните медиуми. Според новинските извештаи, едниот брод потонал, а морнарите од другиот се спасени и ќе бидат префрлени во болниците во Варна.

Инцидентот, како што објави бугарската национална телевизија – БНТ, се случил околу три часот според локално (2 часот според средноевропско време) ноќеска. Членовите на екипажот на потонатиот се водат како исчезнати и во тек е потрага по нив.
Бугарскиот премиер Румен Радев во врска со инцидентот свикал итен состанок со претставниците на надлежните институции.
На останокот, како што се наведува, ќе учествуваат претставници на Министерството за одбрана, Министерството за внатрешни работи, Министерството за транспорт, Министерството за животна средина и води, и од безбедносните служби.
Според бугарските медиуми, првиот сигнал дека нешто се случува бил испратен од безбедносен пловен објект (бова) наменет за означување локација, опасност и за итни случаи. По ова, веднаш бил воспоставен контакт со екипажот на бродот бродот „Ејбл“ (Able), кој бил зафатен од сериозен пожар по нападот.
Сите 18 морнари од „Ејбл“ биле спасени. Еден од нив имал сериозни изгореници, кај друг била забележана повреда на главата, додека кај поголем дел од останатите засега се констатирани полесни повреди. Тие биле качени на патничкиот брод „Диоскуриа“ (Dioscuria), кој полови под бугарско знаме, а потоа префрлени на брод на граничната полиција. Морнарите патуваат кон Варна, каде се очекува да пристигнат по 12 часот.
Засега е непозната судбината на морнарите од другиот брод „Алфа Ватан“ (Alfa Watan), кој претрпел сериозни оштетувања и потонал источно од бугарскиот брег.
Екипажот на потонатиот брод се води како исчезнат, изјавил Румен Николов, раководител на операциите за спасување во Варна, цитиран од јавниот радиодифузер БНР.

Според прелиминарните податоци на веб-страницата Maritime.bg, станува збор за товарни бродови. „Алфа Ватан“ пловел под знамето на Того, додека „Ејбл“ по знамето на Палау.
Во тек е истрага за потеклото на беспилотните летала што ги нападнале бродовите во бугарските територијални води.
Според веб-страницата за следење бродови vesselfinder.com, бродот „Алфа Ватан“, чиј екипаж се води како исчезнат, пловел кон романското пристаниште Сулина, пишува „Еуроњуз“.
Неговата последна позната локација била регистрирана нешто по 1 часот ноќеска, на околу 70 наутички милји од бугарскиот брег.

Инцидентот, како што наведува „Еуроњуз“, доаѓа само еден ден откако товарен брод во сопственост на Турција, кој превезувал жито во Црното Море, бил нападнат од најмалку еден дрон, по што потонал.
