Од Антикорупциската комисија додаваат дека се изненадени и загрижени од ваквиот начин на носењето на измените, дотолку повеќе што, како што наведуваат, во меѓувреме Министерството за правда од нив побарало да достави мислење по предлог-законот за изменување на Кривичниот законик, со рок за произнесување до 20 септември годинава
Како еден од столбовите на правниот систем, Крвичниот законик треба да го штити функционирањето на правната држава, а со измените што сега ги претрпува и тоа по скратена постапка и без дебата и анализа за последиците што ќе ги предизвика, сериозно се загрозува правната сигурност во државата.

Вака Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) ги оцени измените на Кривичниот законик кои предвидуваат намалување на казните за злоупотреба на службената положба и за злосторничко здружување, а кои вчера по скратена постапка, со 48 гласа „за“ беа усвоени во парламентот.
Со овие измени, додаваат од Антикорупциска, борбата против корупцијата и натаму ќе остане само декларативна.
„Државната комисија за спречување на корупцијата смета дека со интервенциите во членовите 353, 353в и 394 не се придонесува кон зајакната борба против корупцијата и организираниот криминал, напротив, се зголемува ризикот од политички пазарења и трговија со влијание“,
се наведува во соопштението на ДКСК.
Оттаму додаваат дека се изненадени и загрижени од ваквиот начин на носењето на измените, дотолку повеќе што, како што наведуваат, во меѓувреме Министерството за правда од нив побарало да достави мислење по предлог-законот за изменување на Кривичниот законик, со рок за произнесување до 20 септември годинава.
Реакцијата на антикорупционерите следува откако Владата пред три дена до Собранието ги достави предлог-измените на Кривичниот законик со европско знаменце. По двата дена расправа во Комисијата за европски прашања, вчера на пленарна седница измените беа усвоени со 48 гласа „за“, 36 „против“ и еден „воздржан“.
Со измените, меѓу другото, се предвидува намалување на казните во членот 353 кој се однесува на злоупотреба на службената положба и овластување, кој најчесто се користеше за гонење службени лица и функционери, како и намалување на казните за делото злосторничко здружување од членот 394, односно наместо сегашните кои предвидуваат од една до десет години затвор, на една до три години затвор. Намалувањето на казните повлекува и порано застарување на кривичните дела.
Додека политичките партии, главно од опозицискиот блок, утринава полемизираат кој „потајно“ ги поддржува, а кој е против измените на Кривичниот законик, Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата побара од претседателот на државата Стево Пендаровски да го искористи своето уставно загарантирано право на вето и да не го потпише указот за прогласување на измените на КЗ.