Вчера реагираа и претставниците на Синдикатите, кои се спротиставија на дадениот предлог, со кој би се намалиле празниците за работниците

Стекнатите работнички права треба да се почитуваат и тука немам никакви дилеми, вели премиерот Христијан Мицкоски околу предлогот од Стопанска комора на Македонија за намалување на неработните денови за празниците за работниците.
„Во принцип мислам дека стекнатите работнички права треба да се почитуваат и тука немам никакви дилеми“,
рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.
Одговорот на Мицкоски следува откако вчера Стопанската комора на Македонија на прес-конференција најави дека набргу до Министерството за економија и труд ќе достави предлог-измени на Законот за празниците, со кои бројот на неработни денови индиректно би се свел на 13, а празниците што се паѓаат во недела повеќе не би се префрлале како неработен ден во понеделник.
Според проектниот менаџер во Стопанската комора, Анета Димовска, предлогот не предвидува укинување на постојните празници, туку ревидирање на правото на користење неработни денови. Веднаш реагираа и претставниците на Синдикатите, кои се спротиставија на дадениот предлог, со кој би се намалиле празниците за работниците.
