„Република Македонија воведува сопствена парична единица што ќе го носи името денар. Еве задоволство, да видите како се тие парични единици печатени.“ – Никола Кљусев – премиер на Република Македонија 26.04.1992.
Ова е момент од историјата на Република Македонија што ќе се памети. Исто како и човекот што го објави монетарното осамостојување – првиот премиер во независна Македонија, Никола Кљусев.
Тој почина пред 11 години, а за промоција на ликот и делото, набрзо по смртта, неговата ќерка Маргарита Неновска и внуката Ангела Неновска ја основаат Фондацијата „Меморијален центар Никола Кљусев“. Во 2009 година владата на Никола Груевски и’ отстапува на фондацијата простории на АРМ во строгиот центар на Скопје на десетгодишно користење, без никаков надомест. Во 2015 година владината одлука е преиначена, па истиот простор во сопственост на државата и се дава на трајно користење на Фoндацијата „Никола Кљусев“, без надомест.
Ова се тие канцеларии, лоцирани веднаш до Домот на Армијата, на улица „Македонија“ во Скопје. Според одлуките на владата и според имотниот лист, отстапениот простор е со површина од 216 квадратни метри.“
Фондацијата најчесто се споменува во јавноста по доделување награди на ученици на литературни конкурси, како и по стипендии за приватното средно училиште САБА. Директор на училиштето е ќерката на Кљусев – Маргарита Неновска, а сопственик – нејзината ќерка Ангела Неновска-Крстевска. Што значи дека фондацијата основана и управувана од Маргарита Неновска, со помош од државата, доделува стипендии за школување во училиште кое е нивен приватен семеен бизнис.
Веб-страницата на Фондацијата не е ажурирана неколку години, па последната вест за реализирани проекти е за периодот 2014-2015 година. Забележливо е дека и мисијата опишана на интернет-страницата не се совпаѓа со целите наведени во Статутот на Фондацијата.
Ова е проблем за познавачите на правната рамка и работењето на фондациите.
„Транспарентноста е на еден начин обврска со самиот закон за здруженија и фондација, меѓутоа и со самото тоа што тие фондации и организации обавуваат одредена општествена дејност, должни се кон нивните целни групи – корисници, да бидат транспарентни и да ги објавуваат нивните извештаи, и финансиски и наративни извештаи. Посебно кога се користат јавни средства, простории, имот којшто е во државна сопственост, многу е поголема одговорноста.“, вели Невенка Лонгурова Гирова – извршна директорка на Фондацијата за развој на локалната заедница.
Ова дополнително добива на значење кога ќе се види дека Фондацијата „Никола Кљусев“ го издава просторот добиен на трајно користење од државата на државни институции и за тоа им наплаќа. Нашите проверки покажаа дека станува збор за 26 договори за мали јавни набавки и тоа главно со Агенцијата за цивилно воздухопловство. Во договорите пишува дека Фондацијата издава простории за тренинг. Последниот е од ноември 2018-та. Тренинг-простории Фондацијата издава од 2015-та, а вкупната сума на договорите досега изнесува околу 6 000 евра.
Но, ова не е најекстремниот пример за тоа како се користат канцелариите подарени од државата, пред се, заради промоција на ликот и делото на Никола Кљусев. Објектот се користи за семинари и обуки на различни здруженија. Меѓу другото, и за групни медитации инспирирани од духовниот лидер од Индија, Моханџи. На таква групна медитација организирана во Меморијалниот центар Никола Кљусев присуствуваше и екипа на „360 Степени“. Сите присутни на спиритуалната сесија оставија по некој денар, но за тоа не добија никаква потврда.
360 степени, веќе три недели се обидува да стапи во контакт со претседателката на Фондацијата – Маргарита Неновска. Но, од Фондацијата упорно ни велат дека Неновска не може да одговори на нашето барање за интервју поради привремен престој во странство. Прашавме и по електронска пошта – како минатата година Фондацијата го промовираше ликот и делото на Никола Кљусев и кои активности ги планира за тековната година. Побаравме да ни ги достават на увид договорите за издавање на просториите за, на пример Моханџи медитација, а прашавме и зошто целите и мисијата за кои е основата Фондацијата наведени на веб-страницата, се разликуваат од оние во Статутот на истата фондација. Одговор на ниту едно прашање досега нема.
Го побаравме и седиштето на Фондацијата. Тоа е оваа запуштена барака во Кисела Вода, во која и поштата одамна не е собрана.
Законот за здруженија и фондации дозволува организациите да вршат дејности со кои ќе стекнат добивка, но само ако дејноста е поврзана со целите утврдени со Статутот.
„Дозволено е да прави економски активности кои се поврзани со мисијата на организацијата и ако сака да направи економски активности што не се поврзани, тогаш опцијата тоа да го прави е преку формирање на трговско друштво.“, вели Лонгурова- Гирова.
Но, такво нешто нема во случајот со Фондацијата Никола Кљусев.
„Ќе треба и одговорните органи од државната управа да се позаминаваат со тие прашања кој, како и зошто користи имот којшто е во државна или општинска сопственост и малку повеќе да се води грижа кој е повратниот ефект, доколку одредено здруженија или фондација користи таков имто на располагање или средства од буџетите, на пример, од влада, од министерства или општина.“, додава таа.
Колку фондациите и здруженијата се држат до законот, надлежно да врши надзор е Министерството за правда. Дали досега констатирале прекршок кај некоја фондација и што мислат за активностите во Меморијалниот центар Никола Кљусев, одговор од ресорното министерство нема.
Се обративме и кај генералниот секретар на Владата. И оттаму не добивме одговор.
Актуелната влада во овој мандат нема доделено државни простории на трајно користење на ниту една фондација. Но, во 2017-та ја поништи одлуката на претходниците за давање на трајно користење на простории на Здружението за духовно обединување на Сетинци – Попадинци и Крушоради.
Работењето на невладините и здруженијата, но на оние поддржани од странски донатори, последен пат беше во фокус на јавноста кога движењето „Стоп операција Сорос“ побара и издејствува надлежните органи темелно да го проверат финансиското работење на тие организации. Таков пример за Фондација или здружение кое користи државни финансии или имот засега нема. Можеби Моханџи-медитациите во просториите на Фондацијата Никола Кљусев се прва добра шанса за такво нешто.