По вчерашната авионска несреќа на патнички авион во градот Винхедо во близина на Саун Пауло, во која загинаа 62 лица, бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва прогласи тридневна жалост
Покраинската влада на Саун Пауло денеска соопшти дека досега најмалку 31 тело се пронајдени на местото на авионската несреќа која се случи вчера, а во која загинаа 58 патници и четири члена на екипажот. Идентификувани се пилотот и копилотот.
„Меѓу загинатите има еден Венецуелец и еден португалски државјанин“,
рече претставникот на цивилната одбрана Роберто Фарина додавајќи дека биле контактирани локални конзулати.
Сите пронајдени тела се пренесени во полициската мртовечница во Саун Пауло.
„Се анализира таканаречената ‘црна кутија’ на авионот, која содржи гласовни снимки и податоци за летот“,
изјави Марсело Морено, шеф на бразилскиот центар за истражување на воздушни несреќи.
По вчерашната авионска несреќа на патнички авион во градот Винхедо во близина на Саун Пауло, во која загинаа 62 лица, бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва прогласи тридневна жалост.
„Од моментот на објавување на оваа уредба официјално прогласувам тридневна жалост низ целата земја за жртвите во авионската несреќа“,
се вели во соопштението на Лула да Силва.
Вчера токму претседателот информира дека сите патници и членови на екипажот загинале во несреќата.
„Прво, имам многу лоша вест и би сакал сите да станат со минута молк бидејќи авион штотуку падна во градот Винхедо, Саун Пауло, со 58 патници и 4 члена на екипажот и изгледа дека сите загинаа. Сакам да замолам за минута молчење за жртвите“,
рече вчера претседателот Луис Инасио Лула да Силва.
Авиокомпанијата „Воипес“ (VoePass) во соопштение потврди дека авионот што се упатил кон меѓународниот аеродром „Гуаруљос“ во Саун Пауло се урнал со 58 патници и 4 члена на екипажот. Во соопштението не се наведува што ја предизвикало несреќата, пренесува АП.