Законот минатата година беше усвоен од Собранието, но Уставниот суд го поништи, бидејќи не бил донесен со потребното мнозинство
Со 70 гласа „за“ Собранието денеска го донесе Законот за спречување и заштита од дискриминација. Со законот кој е едно од клучните барања и на Европската Унија, треба да се обезбеди принципот на еднаквост и спречување и заштита од дискриминација во остварување на човековите права и слободи.
Измените меѓу другото, предвидуваат членовите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација да ги предлага посебна Комисија за селекција, составена од седум члена – по два пратеника од власт и од опозиција и тројца претставници од граѓанското општество, наместо тие да бидат на предлог на собраниската Комисија за избори и именувања.
Со законот се забранува секоја дискриминација врз основа на раса, боја на кожа, потекло национална или етничка припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група, јазик, државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување, друго уверување, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус или која било друга основа.
Законот за заштита од дискриминација минатата година еднаш беше усвоен од Собранието, но Уставниот суд во мај годинава го поништи , бидејќи во 2019 година не бил донесен со потребното мнозинство.
Со неговото донесување во речиси идентична форма, како онаа што беше изгласана во Собранието, треба да се надмине празнината во немањето заштита од дискриминација по кој било основ што настана по неговото укинување, а која беше нотирана и во Извештајот на ЕК за 2020 година за напредокот на земјата.