Ќе положи претседателска заклетва дека верно ќе ја извршува функцијата претседател на Соединетите Држави и дека ќе го чува, штити и брани Уставот на земја. Свечената церемонија за инаугурацијата ќе биде придружена со свечена парада, балови и музички изведби
Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп денеска ќе положи заклетва како 47. претседател на САД.
Со тоа, неговиот мандат ќе започне точно напладне на 20 јануари по локално време во Вашингтон, односно во 18 часот по средноевропско време.
Со неговите 78 години, Трамп ќе стане најстариот инаугириран претседател во американската историја. Неговиот претходник Џо Бајден беше пет месеци помлад кога стапи на претседателската функција.

Поради ниските температури во главниот град на САД, неговата инаугурација ќе се одржи на затворено, односно во зградата на Капитол.
Според Би-би-си, инаугуративното обраќање, говорите и другите настани ќе се одржат во внатрешноста на Капитол, а таму ќе биде обезбеден и просторот за гостите. Другите посетители ќе можат да го следат настанот во живо онлајн во блиската „Капитал уан арена“.
Трамп денеска ќе положи претседателска заклетва дека верно ќе ја извршува функцијата претседател на Соединетите Држави и дека ќе го чува, штити и брани Уставот на земја. Свечената церемонија за инаугурацијата ќе биде придружена со свечена парада, балови и музички изведби.
Новоизбраниот потпретседател Џеј-Ди Венс исто така ќе положи заклетва, придружувајќи му се на Трамп на сцената.
Според протоколот, тие ја ставаат раката на книга, која обично, но не секогаш е Библија и ја рецитираат заклетвата.
Оваа година Трамп ќе користи две книги, како лична Библија што му ја дала неговата мајка во 1955 година и историска Библија на Абрахам Линколн, која била користена на инаугурацијата на 16. американски претседател во 1861 година.
Потоа, Трамп се очекува во инаугуративното обраќање да ги изложи своите цели за следните четири години.
Како што налагаат протоколите, потоа се очекува да се упати во претседателската соба, во близина на Сенатот, за да ги потпише клучните документи, по што ќе следува ручек организиран од Заедничкиот конгресен комитет за инаугуративни церемонии.
Ова обично е проследено со парада, која оди од зградата на Капитол по авенијата „Пенсилванија“, па сè до Белата куќа. Сепак, според странските медиуми, не е јасно како ќе се одвива парадата оваа година бидејќи церемонијата е преместена во затворен простор.
Подоцна во вечерните часови, Трамп ќе се појави на три инаугуративни балови низ градот.
За обезбедување на церемонијата се ангажирани околу 25 000 луѓе.
Белата куќа, Капитол и делови од авенијата „Пенсилванија“ се веќе со безбедносни огради високи 2,40 метри.
Локалните и федералните власти очекуваат околу 200 000 луѓе во живо да ја следат инаугурацијата во Вашингтон. Ќе присуствуваат многу американски сенатори и конгресмени, како и гости на идната администрација.
Прекршувајќи ја традицијата, Трамп покани неколку странски лидери да присуствуваат на церемонијата, како Џорџа Мелони, премиер на Италија; Хавиер Милај, претседател на Аргентина; Најџел Фараж, лидер на Реформската партија на Велика Британија; Ерик Земур, француски екстремно десничарски политичар; Сантијаго Абаскал, лидер на шпанската партија Вокс.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан, и покрај тоа што е поканет, нема да присуствува на инаугурацијата.
На церемонијата ќе присуствуваат и милијардерите Илон Маск, Џеф Безос и Марк Цукерберг, како и Шоу Киу, извршен директор на Тик-ток. На инаугурацијата ќе биде и кинескиот потпретседател Хан Женг. Претседателот Си Ѓинпинг беше поканет, но одлучи да го испрати Хан.
Минатата недела беше објавено дека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, не добила покана за инаугурацијата.
Покрај Џо Бајден, на инаугурацијата на Трамп ќе присуствуваат и сите поранешни живи претседатели – Барак Обама, Џорџ Буш и Бил Клинтон, додека од поранешните први дами нема да присуствува само Мишел Обама.
Премиерот Христијан Мицкоски од вчера е во неколкудневна работна посета во САД, каде што е придружуван од министерот за надворешна политика и надворешна трговија Тимчо Муцунски, вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, како и од заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков.
Се очекува премиерот да присуствува и на инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп во Вашингтон.
Од владината прес-служба соопштија и дека премиерот во САД ќе има средби со повеќе луѓе од новата администрација на американскиот претседател, без да посочат имиња.