Премиерот на инаугурацијата ќе биде придружуван од министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков и вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити
Од утре Христијан Мицкоски ја започнува неколкудневната работна посета на Соединетите Американски Држави, потврди владината прес-служба. Оттаму велат дека премиерот ќе присуствува и на инаугурацијата на новоизбраниот, четириесет и седми американски претседател Доналд Трамп во Вашингтон. Покрај Мицкоски, на инаугурацијата ќе присуствуваат и министерот за надворешна политика и надворешна трговија Тимчо Муцунски, вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити и заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков.
Делегацијата предводена од Мицкоски ќе присуствува и на свеченоста наречена „Гласови на слободата“ која ќе се одржи по инаугурацијата, а е организирана од компаниите „Трамп медиа“ и „Рамбл“.
„Очекувањата се дека за време на престојот Мицкоски ќе одржи повеќе билатерални средби, контакти и средби со повеќе луѓе од новата администрација на американскиот претседател. Исто така, Мицкоски ќе има средба и со бизнисмени со македонско потекло на која ќе стане збор за економска соработка и можни домашни инвестиции“,
велат од Владата.
Инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател ќе се одржи на 20 јануари, а според досегашните информации, на неа ќе учествуваат многубројни десничарски политичари од целиот свет.
Како што пишува „Политико“, инаугурациите најчесто се организираат во форма на традиционални церемонии, на кои обично не се поканети шефовите на владите или на државите. Сепак, според медиумот, Трамп овој пат отстапил од традицијата, па телефонски, но и лично поканил многу странски лидери.
Церемонијата на претседателската инаугурација ќе се одржи во зградата на Капитол на САД во Вашингтон.
Тогаш новоизбраниот претседател ќе положи заклетва и ќе ја преземе функцијата.
Во продажба се билети за настаните што ќе се одржат по овој повод. Веќе се распродадени билетите за балот по повод инаугурацијата, на кој се очекува да се појави Трамп.