Новата фотографија на Трамп наиде на коментари дека многу наликува на онаа од 2023 година, кога тој беше фотографиран во затворот во округот Фултон, откако беше обвинет во врска со неговиот обид да ги поништи резултатите од изборниот пораз во 2020 година од Џо Бајден во сојузната држава Џорџија
На три дена пред инаугурацијата в понеделник, објавени се официјалните портрети на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп и потпретседателот Џеј-Ди Венс, пренесоа светските медиуми.

И Трамп и Венс се фотографирани во сини костуми, кошули со бели јаки и сини вратоврски, а на реверот на новоизбраниот претседател, кој в понеделник и официјално ќе стане 47. претседател на САД, забележлива е значката со американското знаме.
Најмногу внимание привлекува изразот на лицето на Трамп, кој е во контраст со оној на Венс.
Главата на новоизбраниот претседател е благо наведната надолу, едната веѓа му е подигната, а усните стиснати.
Од друга страна, поранешниот сенатор од Охајо, кој од понеделник ќе ја извршува функцијата потпретседател на САД, е фотографиран во поопуштена поза, со насмевка кон камерата и скрстени раце преку градите.

Новата фотографија на Трамп наиде на коментари дека многу наликува на онаа од 2023 година, кога тој беше фотографиран во затворот во округот Фултон, откако беше обвинет во врска со неговиот обид да ги поништи резултатите од изборниот пораз во 2020 година од Џо Бајден во сојузната држава Џорџија.
Оваа сега веќе популарна слика на Трамп беше користена за собирање средства за неговата изборна кампања.

Портретот за кој овој пат се одлучил новоизбраниот американски претседател значително се разликува од оној во 2017 година, кога првапат стана претседател на Соединетите Американски Држави.

И на претходната фотографија Трамп носи слична облека, но на неа тој широко се насмевнува кон камерата.
„Трамп можеби прифаќа пркосна слика, трансформирајќи го моментот на правна неволја во симбол на издржливост и сила. Големиот контраст со неговиот претходен, потрадиционален портрет, исто така, може да означи промена во неговата јавна личност, нагласувајќи построг, поборбен став додека се подготвува да ја преземе функцијата по втор пат“,
вели за Би-би-си професорот по политички науки на Универзитетот „Џорџ Вашингтон“, Квардрикос Дрискел коментирајќи ги портретите.
Портретите се објавени од тимот за транзиција на Трамп само неколку дена пред инаугурацијата на Трамп и Венс на 20 јануари.
Официјалните портрети на Трамп и неговиот поранешен потпретседател Мајк Пенс беа објавени дури девет месеци откако и двајцата положија заклетва.