Државниот инспекторат за труд го завршил надзорот во Министерството за политички систем и утврдил дека министерот Груби го прекршил Законот за заштита на населението од заразни болести затоа што како одговорно лице ја дозволил прославата без маски, јави ТВ Телма.
Инспекторите веќе му го врачиле прекршочниот платен налог од 500 евра, а за институцијата согласно законот за прекршоци нема глоба. Вицепремиерот Груби казната треба да ја плати за 8 дена, а досега ја плати помалата од дваесет евра за неносење маска издадена од МВР како што добија и сите останати на фотографијата.
Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи на својот фејсбук-профил објави, па избриша фотографија на која петнаесетина државни функционери од ДУИ, во објектот на Министерството за политички систем, го чествуваат 4 јануари, роденденот на партискиот лидер Али Ахмети.
Министерството за внатрешни работи им испрати казнени налози за прекршување на мерката за носење маски во затворен простор на 15 функционери на ДУИ.