Казнети се сите што седеа на масата, без разлика дали се претседатели на партии, пратеници или министри. Се имаме определено дека законите важат за сите, рече денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски прашан за прославата на роденденот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во новите простории на Министерството за политички систем.
„Казнети се сите до еден што седеа на таа маса. Дали се претседатели на партии, пратеници или министри. Кога зборуваме за изрекување казни на државни функционери, барем мене или на ова раководство на МВР, не можете да замерите. Од премиерот, заменик-премиерот, министрите, сите до еден досега имаат казни поради тоа што направиле одредени превиди кои треба да ги санкционираме“,
рече Спасовски.
Тој додаде дека кривичните пријави се доставуваат до Јавното обвинителство, а подоцна Обвинителството ќе се произнесе дали станува збор за кривично дело или не.
Спасовски напомена дека постои одреден протокол дефиниран од Комисијата за заразни болести како и на кој начин се однесуваат институциите при одржување средби и состаноци.
„Значи, при одржување средби и состаноци во државни институции треба да се запазат протоколите за дистанца и за носење заштитна опрема, но не е забрането да ги имаме таквите средби, така што од кривично-правен аспект ќе се изјасни Јавното обвинителство, ние стоиме на располагање да помогнеме и да асистираме за сѐ што ќе биде побарано од нас. Меѓутоа, од аспект на таа прекршочна одговорност за непочитување на мерките што ние сме ги носеле, на сите им се изречени прекршочни санкции, дадени им се платни налози“,
додаде Спасовски.
Според ВМРО-ДПМНЕ, пак, власта лицемерно им доставува казни на функционери од по 20 евра, додека граѓаните за еден собир на бадникарски оган ќе плаќаат по 2 000 евра.
Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи на својот фејсбук-профил објави, па избриша фотографија на која петнаесетина државни функционери од ДУИ, во објектот на Министерството за политички систем, го чествуваат 4 јануари, роденденот на партискиот лидер Али Ахмети.
Министерството за внатрешни работи им испрати казнени налози за прекршување на мерката за носење маски во затворен простор на 15 функционери на ДУИ.