Во Кочани вчера изгоре дискотека која немала валидна лиценца. Се уште звучи нестварно дека во објектот загинаа 59 лица, а уште десетици се борат за живот. Владата најави строги контроли откако, како што велат, открија дека и практично не постои систем во дејноста. На одговорност повикуваат сите, и власт и опозоција
Но пред точно една година и еден месец, Државната комисија за спречување на корупцијата затворила еден предмет со препорака до Државниот пазарен инспекторат да поведе дисциплински постапки против свои вработени. Зошто? Затоа што оделе во контроли низ разни угостителски објекти и иако тие локали немале лиценци ги оставале да поминат со прекршочни платни налози наместо да им забранат да работат додека не си ја стокмат документацијата
До директорот на Државниот пазарен инспекторат да се достави барање за утврдување одговорност за службени лица, инспектори во ДПИ Скопје, поради констатирани незаконитости при вршење инспекциски надзор. Вака гласи дел од диспозитивот на одлука на Државната комисија за спречување на корупцијата, архивирана на 7 февруари 2024-тата година.
Епилогот се должел на постапка која била отворена по две пријави со наводи за сомневање во работењето на инспекторите.
„Од страна на непознат подоносител на ден 1.2.2023 поднесена е пријава… Наводите во пријавата упатуваат на непостапување од страна на инспекторите за време на вршење на службена должност – инспекциски надзор во поголем број на угостителски објекти, дискотеки и ноќни клубови во Скопје во средината на декември 2022 година… но и покрај тоа што најголем број од локалите работеле после дозволеното работно време и немале лиценци за ноќни клубови истите не биле затворани и продолжиле да работат“,
пишува во дел од одлуката на ДКСК.
Па, антикорупционерите побрале податоци за сите контроли извршени од почетокот на 2022 година, до средината на 2023 година и тоа од МВР и од Државниот пазарен инспекторат. Од Министерството за економија, пак, ги побарале регистрите со лиценци.
Што заклучиле? Дека речиси сите контролирани угостители немале соодветна лиценца, но и дека ретко кој добил забрана за работа макар на 30 дена. Најчесто добивале казни кои си ги плаќале и си продолжувале да работат. Еве го интегрално заклучокот на ДКСК.

„Видно од вкрстената анализа на добиените документи и податоци произлегува дека во текот на 2022 година, иако континуирано се вршени контроли и изрекувани се глоби и санкции, истите се плаќани од страна на сопствениците, но локалите не биле затворени иако не поседувале соодветни лиценци, односно дозволи за работа.
пишува во Одлуката на ДКСК.
Фактот дека дел од нив лиценците ги добиле во 2023 година, а два локали се уште немаат побарано дозвола за работа, говори за концентрација на голема моќ и влијанија од страна на сопствениците на овие локали над разни државни тела и органи, што пак од своја страна придонесува за незаконско постапување на инспекторите од Државен просветен инспекторат, но и од Министерството за внатрешни работи“,
Документот не нуди информација дали Државниот пазарен инспекторат повел некаква дисциплинска постапка против свои вработени. Што и да се случило, оваа одлука не ги потресла засегнатите.
На ниво на цела држава, во моментов има само 12 важечки лиценци за ноќни клубови, кабареа и дискотеки. Кои се тие може секој да ги види. Објавени се јавно и за граѓаните и за инспекторите. Веројатно ретко кој град нема ноќен клуб, a ретко кој град е на списокот со лиценцирани ноќни клубови. Многу клубови, малку лиценци, напишаа колегите од „Призма“.