Најдобро е да се разделиме на цивилизиран начин, вели српскиот член на Претседателството на Босна и Херцеговина, кој е под санции на САД за злоупотреба на моќ и за корупција
Српскиот член на Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик во интервју за шпанскиот весник „Ел Мундо“ рече дека „БиХ е пропаднат проект“ и оти најдоброто решение за земјата е „Бошњаците, Србите и Хрватите да се разделат на цивилизиран начин“.
„БиХ нема да може да опстане од истата причина поради која не преживеа Југославија. Во БиХ има три народи. Два од нив, Хрватите и Србите, се многу незадоволни. Муслиманите сакаат да создадат унитарна држава во која тие би биле доминантен народ“
рече Додик.
Тој нагласи дека Србите нема да „започнат војна за да се отцепат“, но повтори дека е најдобро да се разделат „ако не може да се живее заедно“. Тој посочи дека Србите „го бранат политичкиот процес“ кон постигнување на таа цел и дека приказните за можна војна се „бесмислени“.
„Нашата политика не е насочена кон отцепување. Зборуваме за друга можност, врз основа на оценката дека БиХ нема да биде успешна како држава. Ако е така, најдобро е да се разделиме на цивилизиран начин“
додаде Додик.
Тој, исто така, рече дека БиХ постои како држава само поради притисокот од меѓународната заедница.
„Првата работа што ја предлагам е странците да престанат да ја водат оваа, земја бидејќи таа е единствената колонија што моментално постои во Европа. Нека не остават да најдеме консензус, ако е можно“
вели Додоик.