Една од опциите за кои се залага членот на претседателството на БиХ е формирање армија на РС, по распуштањето на вооружените сили на федерацијата, кои постојат од 2005 година
Пратениците од опозицијата ја напуштија седницата пред гласањето, откако опозициските лидери го обвинија Додик за време на дебатата дека нуди опасни предлози кои можат да доведат до отворени конфликти во земјата
Парламентот на Република Српска(РС) денеска ги поддржа предлозите за повлекување на согласноста на тој ентитет за голем број важечки закони во БиХ, што опозицијата ги бојкотираше, предупредувајќи дека тоа доведува до нови конфликти и евентуално војна.
За заклучоците со кои Националното собрание на РС го повлекува одобрувањето на законите што ја регулираат одбраната и безбедноста, системот на индиректно оданочување и формирањето на високи судски и обвинителски совет гласаа 49 од 83 пратеници.
Заклучоците кои всушност немаат директно правно дејство беа предложени и осмислени од членот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, пренесува „Index.hr“
Во заклучоците, исто така, се наведува дека владата на РС треба за шест месеци да предложи закони за регулирање на овие области на ниво на ентитети.
Една од опциите за кои се залага Додик е формирање армија на РС, по распуштањето на вооружените сили на БиХ, кои постојат од 2005 година, врз основа на закон донесен во парламентот на федерацијата.
Системот на индиректно оданочување, како и високиот судски и обвинителски совет на БиХ, исто така, беа воспоставени со закони усвоени во парламентот на БиХ, но Додик тврди дека такви закони не се применуваат ако Националното собрание на РС еднострано одлучи повеќе да не ги признава.
Пратениците од опозицијата ја напуштија седницата пред гласањето, откако опозициските лидери го обвинија Додик за време на дебатата дека нуди опасни предлози кои можат да доведат до отворени конфликти во земјата.
Претседателот на Српската демократска партија (СДС), Мирко Шаровиќ, рече дека е легитимно да се бара враќање на власта, но предупреди дека РС денес нема сила да спроведе таков потфат бидејќи ризикува конфликти и војна во што НАТО секако би интервенирал.
Тој посочи дека секој што мисли дека може да ја подели армијата на БиХ без контрола, да ја контролира својата граница или да го врати судството под надлежност на РС, е во голема грешка.
Слични ставови изрази и претседателот на Партијата за демократски напредок (ПДП), Бранислав Бореновиќ, кој рече дека е разочаран од недостатокот на визија и конкретни предлози од владејачката коалиција, која мавта со планови опасни за мирот.
Оценката на Бореновиќ е дека обновувањето на армијата на РС би било пат кон војна, бидејќи не може да има две или три армии во една држава.
Додик луто им возврати на опозициските лидери.
„Дајте санкции, не се плашам од санкции“,
извикуваше Додик.
Тој тврдеше дека РС има сила за неговите предлози, а проблем е опозицијата, која ја обвини дека шири дефетизам и дека ја финансираат трговци со дрога.
Пратениците од опозицијата не му останаа должни на Додик, па независниот Небојша Вукановиќ му порача веднаш да го направи она што претходно го најави, како блокирање на вооружените сили на БиХ, а не сега да бега од тоа, измислувајќи нови сценарија како демилитаризација.
„Ако сте ‘србенди’ и патриоти, да одиме сега“,
рече Вукановиќ, нудејќи му на Додик две конзерви да ги понесе во војна.
После тоа, Додик видно лут ја напушти седницата.
Претставникот на Партијата за демократска акција, Сенад Братиќ, гласањето за заклучоците предложени од Додик го оцени како напад на уставниот поредок на БиХ.
Опозициските политички партии во Федерацијата БиХ веднаш побараа итна реакција од меѓународната заедница и санкционирање на одговорните.