Според лидерот на опозцијата, доколку граѓаните го поддржат проектот, СДСМ нема да има забелешки, но во спротивно партијата ќе застане на нивна страна
Премиерот Мицкоски, пак, рече дека барањето на опозицискиот СДСМ за локален референдум во врска со рудникот за антимон е уставно загарантирано право и секој може да побара, но дека го чуди фактот што градоначалникот на Крива Паланка, кој доаѓа од редовите на опозициската партија, има поинакво мислење од нејзиното раководството
Kлучно прашање околу најавениот рудник за антимон во регионот Луке е дали проектот има поддршка од жителите на Крива Паланка. Ова на денешната прес-конференција го рече лидерот на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Венко Филипче, коментирајќи ја изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека градоначалникот на Крива Паланка, кој доаѓа од редовите на истата партија, има поинакво мислење од нејзиното раководството по барањето за локален референдум во врска со рудникот за антимон во кривопаланечко Луке.

Одговарајќи на новинарско прашање за можноста од референдум, Филипче посочи дека е позитивно доколку постои комуникација меѓу премиерот и градоначалникот, но нагласи дека тоа не е доволно.
„Добро е тие да се слушаат и да комуницираат, затоа што е важно да соработуваат централната и локалната власт. Меѓутоа, многу е важно дали тие ставови се засноваат на тоа што го кажуваат граѓаните во Крива Паланка“,
вели тој.
Според него, доколку граѓаните го поддржат проектот, СДСМ нема да има забелешки, но во спротивно партијата ќе застане на нивна страна.
„Ако тоа граѓаните на Крива Паланка и регионот го одобруваат, нема проблем. Но, ако не го одобруваат, тогаш јас и СДСМ застануваме на страна на граѓаните“,
кажа Филипче.
Во однос на евентуално собирање потписи за покренување иницијатива, Филипче истакна дека тоа ќе зависи од реакциите и барањата на локалното население.
Премиерот Мицкоски денеска одговараше на новинарско прашање за барањето на опозицискиот СДСМ за локален референдум во врска со рудникот за антимон, велејќи дека тоа уставно загарантирано право и секој може да побара, но дека го чуди фактот што градоначалникот на Крива Паланка, кој доаѓа од редовите на опозициската партија, има поинакво мислење од нејзиното раководството.
Според него, станува збор за стратешка инвестиција.
„Бидејќи јас честопати коминицирав со него (н.з. градоначалникот на Крива Паланка), вклучително и денеска. Можев да се уверам дека неговиот ставот е сосема спротивен, дека прво овој проект е дел од нашата соработка со Соединетите Американски Држави, финансиран делумно од САД. Проект кој кога ќе се изгради ќе мора да ги задоволи условите согласно законите и Уставот во Македонија. За тоа лично гарантирам, а гарантираат и инвеститорите. Зарем некој мисли дека ДФЦ може да инвестираа во ваков проект и тоја да не биде соодветно третиран? И тој мисли како и јас, дека овој проект е стратешки за државата и локалното население, посебно имајќи го в предвид економскиот бенефит на крајот, кое е типично рударско место,“
рече тој.
Претходно, од СДСМ побараа спроведување на локален референдум во однос на најавите за рудник за антимон во регионот на кривопаланечко Луке.
„Старото еколошко жариште Лојане со децении стои нерешено, а во исто време се најавува нов рудник за антимон. Не сме против инвестиции. Но, не може моделите да бидат фокусирани на профитот и бизнисот, со висок ризик по здравјето на граѓаните. Не може да се зборува само за економска корист која не е сигурна. А, при оа никој да не зборува за загадувањето и опасноста по луѓето, за цената на загадена вода, за цената на заболени луѓе и за цената на уништено земјоделство. Тоа не се бројки во извештаи, тоа се последици кои траат со генерации“,
посочија денеска од СДСМ.
Мицкоски на почетокот на месецот најави инвестиција во рударскиот сектор во Македонија. Станува збор за експлоатација на реткиот минерал антимон во кривопаланечкото село Луке.
„Ќе се извезува во САД. Од инвеститорите ја добив информацијата дека топилницата би се градела во Оклахома. Со тоа се добива еден заокружен циклус. Ова е нешто што е многу важно за македонската економија и за нас како граѓани“,
кажа тогаш тој.
