Говорејќи за преговорите со владините претставници, лидерот на Алијанса за Албанците нагласи дека повеќето прашања се затворени и дека се договорени поголемиот дел од точките, а дека најдоцна до утре ќе се знае исходот од преговорите
Привршуваат преговорите за евентуалниот влез на Алијанса за Албанците (АА) во Владата, a денеска или најдоцна утре официјално би се знаел исходот од нив.
Ова денеска го изјави лидерот на партијата Арбен Таравари кој изрази надеж дека преговорите ќе завршат до утре по што конечно ќе се знае дали Алијанса за Албанците ќе биде дел од владејачкото мнозинство или ќе остане во опозиција. Говорејќи за преговорите со владините претставници, Таравари нагласи дека повеќето прашања се затворени и дека се договорени поголемиот дел од точките.
Сепак, напомена дека сè уште се разговара околу распределбата на функционерските места и министерски ресори кои би ѝ биле доделени на Алијанса при нејзиниот евентуален влез во Владата.
За ова прашање, според него, сè уште се водат меѓупартиски консултации на владините коалициски партнери и затоа, како што нагласи, не е коректно да се зборува за тоа во овој момент.
„Сè ќе биде појасно до утре, но ќе почекаме на консултациите кои се во тек помеѓу работните групи на партиите од владиното мнозинство“,
подвлече Таравари.
По средбата со премиерот Димитар Ковачевски на 31 минатиот месец, Таравари изјави дека се усогласени 90 отсто од програмските определби за евентуалниот влез на АА во Владата, а истото го потврди и премиерот.