Дискрецијата сама по себе создава многу непријатности и е основен извор на корупција затоа што дозволува да дојде до израз моќта на поединецот, суетата, влијанието од политиката. Затоа нашата заложба е да се минимизираат дискрециските права и да има објективен начин и за следење и за покажување, вели претседателката на ДКСК

Антикорупциската комисија му препорача на Министерството за правда да има регистар на положени правосудни испити, изјави Билјана Ивановска претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) откако ја отвори темата за Барлет Џафери, син на претседателот на Собранието, кој положил правосуден испит пред да ги заврши студиите на Универзитетот на Југоисточна Европа.
„Ние ја отворивме темата, откривме дека тој универзитет каде што завршил прв степен на студии синот на претседателот, во четири години има издадено 449 такви уверенија за тригодишно образование со степен VII/1, што не соодветствува. Ја отворивме темата, но ние немаме истражен центар. Цело време кажувам со какви ограничени ресурси работиме и не можеме понатаму да истражуваме. Меѓутоа, транспарентноста е најголем борец против корупцијата и затоа побаравме да има електронско досие на нивната веб-страница и документите скенирани да се чуваат таму, па секој од новинарите ќе може за одреден човек да види дали ги исполнувал условите или не ги исполнувал и на кој начин му било прифатено барањето за полагање правосуден испит“,
изјави Ивановска која денеска учествуваше на завршната конференција на проектот „Млади против корупција“.
Додека се разговарало на оваа тема слушнала, рече, дека поранешни министри имале дискрециско право да даваат некому предвремено полагање правосуден испит.
„Тоа никаде не постои во закон. Дури, во претходниот закон стоеше дека следува казна доколку му се дозволи на некој да полага пред време. Значи, нема простор за дискрециско право. Дискрецијата сама по себе создава многу непријатности и е основен извор на корупција затоа што дозволува да дојде до израз моќта на поединецот, суетата, влијанието од политиката. Затоа нашата заложба е да се минимизираат дискрециските права и да има објективен начин и за следење, и за покажување“,
додаде Ивановска.
Во однос на барањето на ДКСК за регистар со податоци кои треба да ги доставуваат институциите кои извршиле избор и именувања на функционери, Ивановска рече дека Комисијата го направила електронскиот софтвер, кој е во фаза на тестирање, и разговарале со одговорни лица што треба да им ги доставуваат информациите.
„Чекор по чекор, се надевам дека следната година ќе функционира сѐ како што треба“,
рече таа.
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на денешната 75. седница одлучи дека не може да се отвори предмет за случајот со Барлет Џафери, син на претседателот на Собранието Талат Џафери, бидејќи Министерството за правда не ја чува документацијата.
За ова од Министерството за правда информираа дека Барлет Џафери положил правосуден испит на 05.02.2015 година, а потписот за положениот испит го ставил тогашниот министер за правда Аднан Јашари. Документите на кандидатите кои полагале правосуден испит било пракса да се чуваат една година.
Со цел надминување на евентуалните можни злоупотреби околу полагањето на правосудниот испит, Министерството за правда ја разгледа можноста за електронско пријавување на правосудниот испит преку националниот портал Е-услуги. На тој начин кандидатите ќе ги поднесуваат своите документи по електронски пат, додаваат од Министерството.