Откако координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески, повикувајќи се на Законот за комитетот за односи меѓу заедниците, посочи дека Законот за Советот на јавни обвинители не е меѓу оние што се носат со двојно мнозинство, со реакција се јави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски.
Димовски на својот Фејсбук профил посочува член од Законот за Советот на јавни обвинители со кој се регулира употребата на јазиците, а со тоа вели, согласно Уставот, Бадентеровото мнозинство е задолжително.
„Оној стенограм и гласање што ги споделува се од време кога со Законот за Советот на СЈО не се регулираше употребата на јазиците и следствено на тоа, не се ни гласаше со Бадинтер… Но, во денешниот Закон како прв член ја регулираат употребата на јазиците, а тоа повлекува друга постапка. Тоа што прифатија се што им текна на колегите Албанци за овој Закон, не е проблем за мене, туку покажува колку очајно на СДСМ му требаше овој закон за амнестија на се што сторија минативе години. Уставот на Република Македонија во неговиот Амандман 10 регулира дека со Бадинтер се гласаат закони кои регулираат употреба на јазици. “
– напиша Димовски на Фејсбук.
Претходно, Димовски потенцираше дека Џафери пред гласањето самиот најавил дека е потребно двојно мнозинство, но не побарал изјаснување на пратениците припадници на немнозинските заедници.
Од кабинетот на Талат Џафери пак, објаснуваат дека тој веднаш се корегирал, па се повикаа на член 11 став 3 од Законот за Комитетот за односи меѓу заедниците, каде се наведени законите што се гласаат со Бадентер, а меѓу нив го нема Законот за Советот на јавни обвинители.
Опозицијата го повика претседателот на државата да не го потпишува Законот. Од кабинетот на Пендаровски пак, потенцираа дека тоа му е законска обврска како претседател, па ги упатија пратениците своите приговорите да ги достават до Уставниот суд.
Поврзани вести: (ВИДЕО) Собрание: Џафери погрешно најави дека Законот за Советот на ЈО се гласа со Бадентер