Седницата беше закажана со барање Димовски да реферира како за Олександр Онишченко, за кого има национална потерница и кој е на црната листа на САД, Агенцијата дала позитивно мислење за добивање државјанство

Реферирањето на актуелниот директор на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски кој денеска требаше да дојде на собраниската Комисија за надзор над работата на АНБ се одложи.
Седницата беше закажана со барање Димовски да реферира како за Олександр Онишченко, за кого има национална потерница и кој е на црната листа на САД, Агенцијата дала позитивно мислење за добивање државјанство.
Димовски претходно го известил претседателот на комисијата Љупчо Пренџов дека поради работни обврски во Брисел, не е во можност да присуствува и побарал таа да се одржи во петок.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Собраниската комисија за надзор над работата на АНБ и АР во фејсбук-статус напиша дека јавноста ја интересираат одговорите и коментарите од страна на Димовски за тоа дали АНБ знаела дека Олександр Онишченко од денот кога ги поднел документите за македонско државјанство до денешен ден е на црната листа на САД, дали АНБ добила информација дека Онишченко е осомничен за криминал и перење пари во вредност од над 100 милиони евра во својата матична држава Украина, дека истиот бил и пратеник во Украина, но тамошното Собрание му го одзело мандатот.
„До ден денешен е лице кое се бара и има распишано потерница по него од страна на Украина. Господинот исто така има и руско државјанство. Како АНБ констатирала дека има ‘чисто досие“?“,
пишува Пренџов.
За доделувањето на македонско државјанство на украинскиот политичар Олександр Онишченко и премиерот Димитар Ковачевски изјави дека веќе побарал извештај од дел од институциите за тоа како е спроведена процедурата.
Ковачевски кажа дека очекува тој извештај да биде доставен до Владата за да се види на кој начин институциите дошле до позитивни мислења во врска со ова прашање.
За украинскиот политичар Олександр Онишченко, кој е под санкции на САД, да добие македонско државјанство, четири институции дале позитивно мислење, а одлуката ја донела Владата, откри денеска министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Набројувајќи примери, од четири институции тој спомена три: Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Македонскиот олимписки комитет и Агенцијата за млади и спорт.
Агенцијата за национална безбедност (АНБ) е една од институциите кои дале позитивно мислење за доделување македонски државјанство на украинскиот политичар Олександр Онишченко кој се наоѓа на листата на санкционирани личности од САД, на која е ставен во јануари 2021 година, поради тоа што е „член на руската мрежа за влијание врз американските претседателски избори“.