Пристапувањето во НАТО и одлуката на Советот на ЕУ за почеток на пристапни преговори се историски заеднички успеси што се постигнаа во тешки моменти за сите земји, со што се даде силна и кредибилна порака за европската перспектива на Регионот, но и за вистинската сила и способност на двете организации да се прилагодат на новосоздадените услови и да донесат и други значајни стратешки одлуки, порачал министерот за надворшени работи Никола Димитров на он-лајн видеоконференција во ко-организација на Економскиот форум во Делфи и Атлантскиот совет, насловена „Дипломатија во кризни времиња и други алатки за влијание во Југоисточна Европа во доба на ковид-19“.
„Овие два историски и долгоочекувани исчекори претставуваа зраци на светлина и надеж за нас, за Регионот, во еден исклучително тежок период за целиот свет. Претставуваа и симбол за моќта на двете организации да носат стратешки важни и визионерски одлуки во кризни времиња. Покрај одредени перцепции, креирани пред сè од несоодветно информирање, овој Регион се движи непоколебливо кон ЕУ и скоро сите земји од Западен Балкан кон НАТО Алијансата. Благодарни сме за досегашната поддршка, која се надеваме ќе продолжи и во идното справување со последиците од овој заеднички непријател. Неопходно е координирано заедничко дејствување во духот на вистинска солидарност и отворена соработка меѓу земјите, како побргу би излегле од тунелот“,
истакна Димитров.
Како што соопшти МНР, панелистите размениле мислења за различните начини на соработка за надминување на пандемијата и последиците од истата, особено во научната и економската сфера, за мерките кои земјите од ЈИЕ ги преземаат, за помошта од страна на земјите членки на НАТО и ЕУ. Фокусот бил ставен и на предизвиците поврзани со различните влијанија, меката моќ на глобалните сили, како и различните наративи и дезинформации поврзани со справување со пандемијата и помошта и меѓународната соработка.