„Ние сме соодветно информирани за сите текови по однос на случувањата кои се организираат на наша територија и институциите соодветно ги имаат преземено сите мерки. Од наша страна било преземено сè, а во суштина и никој не потврдува дека имало индиции оти тоа ќе се случи на територијата на Македонија“, вели техничкиот премиер
Со информациите за наводен обид за атентат на косовскиот премиер Албин Курти е нанесена поголема штета за самите косовски институции отколку на нашата држава. Ова за МИА го изјави премиерот на техничката влада Талат Џафери коментирајќи ги објавите на Радио-телевизија Косово дека имало план за атентат врз косовскиот премиер Албин Курти за време на неговата посета на Скопје изминатиот викенд.

Повикувајќи се на извори од косовските безбедносни служби, Радио-телевизија Косово на 10 февруари годинава објави дека имало план за атентат врз косовскиот премиер Албин Курти за време на неговата посета на Скопје. Атентатот, како што наведуваа медиумите, бил подготвуван од српски структури.
Според Џафери, чуден е фактот што по враќањето на Курти во Приштина, прво од државната телевизија РТК беше пренесена информација дека се подготвувал атентат врз него во Република Северна Македонија, како што вели, врз основа на некои медиумски изјави и објави на Фејсбук.
„Во крајна инстанца моја оценка е дека со таа изјава е направена поголема штета за самата Косовска агенција за информирање, затоа што во иднина кој би се впуштал да има размена на информации, ако тие информации после со посредство на средствата за јавно информирање ќе се пласираат, како што се пласираа. Методологија на комуникација на тие институции е соодветно пропишана со соодветни закони и се излезе надвор од она што е ред во комуникацијата и во размената на информации“,
вели Џафери.
Според техничкиот премиер, нашите институции не потврдуваат дека имало таква можност и активност насочена кон премиер на една држава.
„Ние сме соодветно информирани за сите текови по однос на случувањата кои се организираат на наша територија и институциите соодветно ги имаат преземено сите мерки. Од наша страна било преземено се, а во суштина и никој не потврдува дека имало индиции оти тоа ќе се случи на територијата на Македонија“,
рече тој.
Џафери смета дека за него како премиер било важно што веднаш бил информиран и запознаен со активностите што ќе се преземат.
Не сака да ги коментира наводите дека зад ваквите наводи стојат внатрешни политички пресметки во Косово, нагласувајќи дека е несоодветно како премиер да навлегува во такви оценки.
„Соодветно имаше реакции и демант од надлежните институции зад кои стојам, затоа што и е потврдено дека она што го кажаа институциите е така“,
рече техничкиот премиер.
Според косовските медиуми, атентатот бил подготвуван од српски структури.
Курти во изјава за косовските медиуми потврдил дека имало закани од поединци и структури, кои според него, имаат корени од официјален Белград.
,,Кога дојдов до Скопје не се чувствував загрозено, но видов дека има многу полициски сили кои беа загрижени за средбата која ја одржуваме, на која специјален гостин беше претставникот на германската СПД, Ларс Клингбеил”,
вели Курти.
Од македонското Министерство за внатрешни работи ги демантираа наводите за атентат.
„При посетата на премиерот Албин Курти на Скопје, немало обид за атентат врз него. Посетата на премиерот Курти беше организирана според однапред одредени правила и безбедносни проценки“