„Решението е делумно, не е целосно. Ако имаме документи со истечен рок пократок од девет месеци, на 24 април ќе гласаме, но што правиме ако тој рок истече до 8 мај. Сакајќи да правиме исклучок, правиме друг исклучок и исклучуваме дел од граѓаните“, вели техничкиот премиер
Не сум убеден дека со измените на Изборниот законик ќе се реши проблемот со валидноста на документите на граѓаните во текот на изборниот процес. Решението ќе биде целосно ако се дозволи граѓаните да гласаат со неважечки документи без да има определен рок. Ова денеска го рече техничкиот премиер Талат Џафери одговарајќи на новинарско прашање дали со измените на Изборниот законик се решава проблемот граѓаните да можат да го користат истечениот пасош при гласање на претстојните претседателски и парламентарни избори закажани за 24 април и 8 мај.
„Во Законот е предвидено дека сите граѓани кои имаат документи со истечен рок во траење од девет месеци до денот на избори ќе можат да гласаат. Граѓаните што имаат документи со истечен рок подолго од девет месеци нема да можат да гласаат. Решението е делумно, не е целосно. Ако имаме документи со истечен рок пократок од девет месеци, на 24 април ќе гласаме, но што правиме ако тој рок истече до 8 мај. Сакајќи да правиме исклучок, правиме друг исклучок и исклучуваме дел од граѓаните“,
вели тој.
Според него, решението е граѓаните кои имаат истечени документи да можат да гласаат на изборите оваа година без разлика во кој рок се истечени.
„Затоа, не мислам дека решението е целосно. Ќе дојдат пак во Владата да бараат дополнителни решенија за истечените рокови преку девет месеци. Ќе треба да размислат или во Собранието или ние во Владата да го доисправиме овој проблем“,
рече Џафери.
Правната логика, вели техничкиот премиер, дека со ова решение се прави селективен пристап, зашто на едни им се дава право да гласаат, на други не, а и во едниот и другиот случај документите се истечени.
„Да се отвори дебата за тоа. Свесен сум дека пак ќе излезат и ќе кажат премиерот е против ова или она. Премиерот е за целосни решенија . Влегуваме од ситуација во ситуација со ад хок решенија кои не се целосни“,
изјави тој.
По скратена постапка вчера беа усвоени преодните измени на Изборниот законик, со кои граѓаните чии лични карти и патни исправи се со истечена важност во периодот од девет месеци до денот на одржување на изборите ќе може да го остварат своето уставно загарантирано право на глас на претстојните претседателски и парламентарни избори.
Во овој контекст, измени ќе претрпи членот 41 став 4 од Изборниот законик.
Па така, од досегашната одредба: „Во Избирачкиот список се запишуваат сите граѓани со наполнети 18 години живот заклучно со денот на изборите согласно актот за распишување на изборите кои имаат живеалиште на територијата на Република Македонија, а кои имаат важечка лична карта или патна исправа“ се отфрла формулацијата „кои имаат важечка лична карта или патна исправа“.
Со усвоените предлог-измени на Изборниот законик, дополнително се овозможува граѓаните кои наполниле 18 години заклучно со денот на изборите, односно помеѓу двата изборни круга, да може да гласаат приложувајќи документ за лична идентификација (пасош или лична карта).