Според него, нема потреба од директна средба претседател на Собрание – премиер со цел да разговараат по прашање за кое јавно се произнеле и премиерот и другите чинители. Во моментов нема соодветно мнозинство за уставните измени и се разговара со сите, посочи спикерот
Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска на средба со новинарите не кажа кога ќе почне постапката за уставни измени и нагласи дека тој како претседател на Комисијата за уставни прашања е подготвен веднаш штом до него дојде предлог да ја почне оваа постапка. За евентуални предвремени избори напролет во корист на уставните измени, Џафери смета дека треба да се види интересот на процесот.
Според него, нема потреба од директна средба претседател на Собрание – премиер со цел да разговараат по прашање за кое јавно се произнеле и премиерот и другите чинители. Во моментов нема соодветно мнозинство за уставните измени и се разговара со сите, посочи спикерот.
„Во моментот кога ќе сметаат дека имаат услови да покренат иницијатива јас сум подготвен како претседател на Комисијата и на Собранието да постапувам согласно процедурата, откако ќе се добие иницијатива понатаму“,
истакна Џафери.
Тој рече дека не може да каже до каде се преговорите со пратениците за ова прашање бидејќи не ги водел истите.
„Не е моја обврска да ги водам тие разговори со пратениците“,
рече Џафери.
За прашањето за предвремени избори за сметка на гласови за уставни измени, претседателот на Собранието смета дека првото вреднување на тоа треба да се прави од аспект дали е тоа во полза на процесот на државата кон ЕУ и дали е во полза на интересот на граѓаните „па макар тоа било пазарот“.
„Од мој контекст е она што е интересот на процесот. Интересот на процесот е да се случат измените, да се отвори патот и да поработиме во определен временски рок да го исполниме она што треба да го исполниме што побргу за да станеме полноправна членка на ЕУ. Нам не ни треба друг пример, доволен ни е сопствениот пример со членувањето во НАТО. Сите ги знаеме перцепциите пред и по членување во НАТО во контекст на геополитилчките случувања. Во тој контекст треба да имаме предвид што побргу да го завршиме тој процес, мислам на сите нас и на државата и на граѓаните“,
вели Џафери.
Од ВМРО-ДПМНЕ вчера потенцираа дека остануваат на ставот дека не ги поддржуваат уставните измени. Тие на брифинг со новинарите посочија дека како партија го поддржуваат членството во Европската Унија и оти доколку има избори детално во нивната предизборна програма ќе наведат како земјава ќе продолжи по тој пат што ќе биде транспарентно претставено пред гласачите кои доколку има избори би се одлучиле дали ќе ја дадат поддршката на политиката што ја нуди оваа партија.
Премиерот Димитар Ковачевски неодамна изјави дека му е јасно оти одлуката на пратениците во Собранието во врска со уставните измени нема да биде лесна, но од нив очекува да покажат државничко однесување. Она што е јасно, потенцираше премиерот, е дека пратениците имаат избор да ја остават земјата во стагнација или да донесат одлука за подобра иднина.
Лидерот на Беса, Билал Касами, неделава му постави ултиматум на премиерот, ако сака уставни измени, да распише предвремени парламентарни избори. Според него, внесувањето на Бугарите во Уставот е во директна корелација со одржувањето на предвремените избори.
Ваквиот ултиматум Ковачевски веднаш го отфрли нагласувајќи дека не функционира под уцени.
„Ќе повторам уште еднаш дека јас под уцени и притисоци не функционирам. Изборите ќе бидат во 2024 година и тоа е веќе апсолвирано прашање. Прашањето за уставните измени е сериозно, тоа е државничко прашање затоа што значи заокружување на процесот за отворање на кластерите во отпочнатиот процес на преговори со ЕУ. Ние започнавме преговори со Европската Унија, во тек е скрининг-процесот и сега сè зависи од нас. Затоа ова прашање е прашање на принципи, дали некој го поддржува европскиот пат или не. Условувања за вакво прашање се навистина неприфатливи“,
му одговори Ковачевски на Касами.