Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека претседателските избори ќе бидат неуспешни, но сепак не наведоа конкретно дали ќе учествуваат на нив нагласувајќи дека сите одлуки се носат со меѓупартиски консензус, а во моментов консензус има за предвремени избори
Да се одржат предвремени парламентарни избори во периодот меѓу 14 и 21 мај следната година, а изборната кампања да почне на 25 април. Целта на изборите би била ресетирање на системот и воведување на поголема стабилност, предлагаат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Во моментов политичката состојба во земјава е неподнослива, како меѓу партиите, така и внатре во некои партии, односно во СДСМ, ДУИ и Алтернатива, оценуваат во партијата.
Со оглед на тоа што премиерот Димитар Ковачевски до сега многу пати потенцираше дека парламентарни избори ќе има во редовен термин во 2024 година, од ВМРО-ДПМНЕ брифираат дека ќе ги искористат сите механизми за да ја постигнат својата цел и оти ќе бидат креативни во изнаоѓање на начин предвремените избори да се одржат.
Што се однесува до уставните измени, од ВМРО-ДПМНЕ остануваат на ставот дека не ги поддржуваат. Додаваат дека тие како партија го поддржуваат членството во Европската Унија и оти доколку има избори детално во нивната предизборна програма ќе наведат како земјава ќе продолжи по тој пат што ќе биде транспарентно претставено пред гласачите кои доколку има избори би се одлучиле дали ќе ја дадат поддршката на политиката што ја нуди оваа партија.
Во врска со најавите на шефот на дипломатијата Бујар Османи дека од следната недела ќе почнат интензивни разговори за спроведување на уставните измени, од ВМРО-ДПМНЕ нагласуваат дека тие немаат проблем да учествуваат на такви средби доколку бидат поканети, но оти на нив ќе го повторат ставот којшто веќе е познат во јавноста.
На денешниот брифинг, во партијата презентираа анкета, според која доколку во моментов се одржат избори ВМРО-ДПМНЕ би добиле поддршка од 19,4 проценти, а СДСМ и ДУИ од 6,4 проценти.
Во врска со тоа кого би сакале да видат како свој партнер во идната влада од ВМРО-ДПМНЕ велат дека тоа би биле опозициските албански партии за кои, иако се согласуваат дека ја немаат силата која што во моментов ја има ДУИ, сепак сметаат дека постои големо незадоволство и кај гласачкото тело на етничките Албанци кои веруваат дека би поттикнале одредени промени во таа насока.
Според ВМРО-ДПМНЕ, штетно е ДУИ да има ваков монопол во државата.
Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека претседателските избори ќе бидат неуспешни, но сепак не наведоа конкретно дали ќе учествуваат на нив нагласувајќи дека сите одлуки се носат со меѓупартиски консензус, а во моментов консензус има за предвремени избори.
Погледнете го видеото од гостувањето на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во дебатната емисија на „360 степени“ емитувана на 25 ноември 2022 година.