„Тоа не значи дека ние утре ќе одиме и ќе купуваме од Кина опрема или тоа нешто ќе ни направи проблем. Меѓутоа, како технологија, како знаење, како движење… Значи технологијата нема граници“, вели Ацо Ристов прашан како ја објаснува посетата од апсект на стратешкото позиционирање на државава

Посетата на Кина беше наменска, поврзана со начинот на регулирање на отпадот и производството на електрична енергија, а трошоците ги покри кинеската амбасада – вели првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Ацо Ристов, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, прашан како го објаснува престојот во Кина од аспект на стратешкото позиционирање на државата.
РКЕ на 21 мај годинава објави: „Делегација предводена од Ацо Ристов, претседател на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ), во чиј состав се Ане Лашкоска, заменик-министерка за животна средина, директори на дел од Јавните комунални претпријатија, Инспекторатот
за животна средина и на Здружението на даватели на комунални услуги – АДКОМ престојуваат во
работна посета на Народна Република Кина… Во фокусот на посетата е споделување на најдобрите практики при воспоставување на процесите за класифицирано собирање и транспорт на отпад, како и можностите за производство на енергија од отпад – нивен развој и технологија“.
Ристов: Мислам дека луѓето што беа таму имаа прилика да видат како Кина го решила проблемот со отпадот. Односно како од отпад произведува електрична енергија. И тоа е многу, многу поучно да се види. Тоа не значи дека ние утре ќе одиме и ќе купуваме од Кина опрема или тоа нешто ќе ни направи проблем. Меѓутоа, како технологија, како знаење, како движење… Значи технологијата нема граници. Ние мораме да бидеме со отворен ум и да гледаме што се најдобри практики секаде во светот за да може да го примениме. Бидејќи ние, еве рековте сами, регионални депонии — ги збориме веќе 20 години. Нема ништо од нив. Дури сега почна да се градат. Меѓутоа, ние не го решаваме проблемот со отпад, само го собираме. Значи таму беше исто идеја, ние видовме, на пример, инцелерација — согорувањето на тој отпад и од него правењето електрична енергија.
„360 степени“: Ама тоа го има и во Европа.
Ристов: Го има, никој не вика дека го нема, меѓутоа на пазарот никој ништо не понудил досега. Значи ние мораме да знаеме кај се движиме и да собираме знаење. Значи, такви посети имало и во Европа. Не е ова посетата во Кина да сме ние нешто идеолошки различни. Технологијата не подразбира идеологија.
Во контекст на насоките од Бирото за јавни набавки и ограничувањето за учество на фирми од Русија и Кина на тендерите, Ристов вели дека се отвораат повеќе дилеми.
„Ова е интересно прашање да се отвори, може во некоја друга дискусија што значи ова затворањето и отворањето на пазарите. Ако еден производ, ајде да речеме електрични автомобили, ако во Кина чини 25 000 евра, во Америка 150 000, каде ќе се движиме ние“,
вели Ристов.
