„Треба да се формира нова компанија којашто ќе го изгради и ќе менаџира. Е тука сега треба Владата да се откаже можеби од 51%, да остане 49%, бидејќи овој капитал во вакви услови, приватниот капитал доколку го менаџира, бидете убедени дека тој ќе биде профитабилен“, вели Ацо Ристов за неговата идеја граѓаните да инвестираат во изградбата на Чебрен

360°: Колку е реално државата да ја гради хидроцентралата „Чебрен“?
Ристов: Јас мислам дека е нереално што треба да збориме денеска за Чебрен. Чебрен требало да биде направен пред 30 години. Денеска ќе имавме само ефект. И што поскоро почне да се гради Чебрен, односно вчера или денес, ние ќе имаме бенефит многу брзо.
360°: Може ли државата да го гради?
Ристов: Значи, дали може државата да го гради… јас сум убеден дека може да го гради, меѓутоа како ќе го направи, како ќе го изменаџира, е работа на самото работење на Владата, бидејќи постојат многу модели на финансирање. Некои ги кажав јас со мојата идеја да се направи тоа во вид на акционерско друштво, па да можат и граѓаните да учествуваат, компаниите… И јас тоа не сум го извлекол тукутака, случајно. Погледнете ги сметките во банките, на депозитите. Значи, Македонија има милијарди во депозити во банки, во депозити на граѓани. Има милијарди во дивиденди на банки коишто можат да изнесуваат по 200 милиони годишно се делат дивиденди. Зошто тие пари да не се внесат во енергетскиот сектор, во еден таков објект?
360°: Многу логично звучи тоа. Но еве, Ацо Ристов, во која државна компанија би вложил пари? Во која има доверба? Може ли да кажете едно јавно претпријатие што ќе ви обезбеди прост принос на вложениот капитал?
Ристов: Видете вака, ама ова би било акционерско друштво, ново. Не да биде од постојните. Треба да се формира нова компанија којашто ќе го изгради и ќе менаџира. Е тука сега треба Владата да се откаже може од 51%, да остане 49%, бидејќи овој капитал во вакви услови, приватниот капитал доколку го менаџира, бидете убедени дека тој ќе биде профитабилен.
360°: Но пак зборувате за 51% приватна сопственост.
Ристов: Значи ова е или јавно-приватно, како сакате. Значи мора… историјата докажа дека државата не е добар, не е добар стопанственик и никаде во светот. Државите не успеале сами да одржат икс време големи работи. Секогаш влегло или акционерско или приватен капитал за да можат луѓето да бидат ангажирани максимално и да нема ниту лаги, ниту крадење, ниту… бидејќи во приватен капитал не може тоа да се случува.
360°: Во контекст на тоа дека клучните енергетски капацитети треба да ги гради државата, како ја гледате тука улогата на „Алказар“ или најавите дека турска компанија ќе гради когенеративна централа? Има најави и за други когенеративни централи. Зошто тие не ги гради државата?
Ристов: Значи, пак се враќаме на истото. Расположливоста со финансиски средства. Значи, Македонија нема толкав моментално капацитет да може да изгради многу енергетски објекти со сопствени пари, односно со задолжување. Бидејќи ова се енергетски објекти коишто бараат и време, меѓутоа бараат и средства да се изградат. Еве претпоставка е дека Чебрен ќе се гради седум години. Значи некој треба тоа да го износи, да го финансира. Вас не ви е чудно комерцијални банки да финансираат држава? Ако веќе сакаме да ја завртиме логиката на размислување… исто не е логично, меѓутоа системите дошле дотаму државите да се задолжуваат кај комерцијални банки за кредити коишто после ги финансираме од самите фондови – дали пензиски, дали било што. Значи, тоа со вртењата во капиталите во светот е чудно, меѓутоа државата треба да заземе став. Ако гради енергетски објекти, мора да ги гради, ама час поскоро, бидејќи вака со зборување со години ништо нема да направиме, а овие што инвестираат, приватните, тоа е за поздравување. Бидејќи, видете, многу е важно во една држава да имате енергетски објекти коишто функционираат и што се градат. Тоа е развој и на индустрија, и на инженерство…
