Она што е јасно е дека тие имаат избор да остават да биде се така како што било и да ја остават земјата во стагнација и неизвесност, но јас искрено верувам и уверен сум, дека тие ќе бидат на ниво на задачата и ќе донесат одлука за да овозможат подобра иднина и за нас и за нашите деца, вели премиерот во интервју за МИА
Премиерот, Димитар Ковачевски вели дека му е јасно оти одлуката на пратениците во Собранието во врска со уставните измени нема да биде лесна, но од нив очекува да покажат државничко однесување.
Она што е јасно, потенцира премиерот во интервју за МИА, е дека пратениците имаат избор да ја остават земјата во стагнација или да донесат одлука за подобра иднина.
„Скринингот си тече како што и беше планиран, и пред нас сега се уставните измени, кои ќе се најдат пред македонското Собрание и нашите 120 пратеници. Јасно ми е дека нивната одлука нема да е лесна, но очекувам дека ќе покажат државничко однесување. Она што е јасно е дека тие имаат избор да остават да биде се така како што било и да ја остават земјата во стагнација и неизвесност, но јас искрено верувам и уверен сум, дека тие ќе бидат на ниво на задачата и ќе донесат одлука за да овозможат подобра иднина и за нас и за нашите деца. Пратениците се сепак и пред сѐ претставници на граѓаните, а граѓаните сакаат да живеат во земја членка на ЕУ. Сакаат да сме полноправна членка. Не само заради членството само по себе, туку заради подобар животен стандард, заради подобро владеење на правото, подобра инфраструктура, подобри услуги за граѓаните, заради економски напредок, социјална правда и владеење на демократија“,
вели Ковачевски.
Тој истакнува дека со почнувањето на преговорите со Европската Унија на 19 јули, почетокот скринингот процесот на 15 септември и потпишувањето на договорот со Фронтекс на 26 октомври С Македонија започнала ново поглавје на нејзиниот европски пат.
„Со овие три датуми ние започнавме ново поглавје во нашиот европски пат, и одиме кон полноправното членство во ЕУ. Донесовме многу тешки одлуки, но со тоа покажавме и визија, и лидерство и храброст, затоа што сето ова реално значи можност за подобра, побогата иднина, подобар животен стандард за граѓаните…“,
нагласува премиерот.
Според Ковачевски С Македонија нема друга алтернатива освен членството во ЕУ, но, додава, оти тој пат нема да биде лесен, но мора да се изоди.
„Тој пат до ЕУ нема да е лесен, но мора да се изоди. Затоа што на крајот на тој пат е големата награда, полноправното членство во ЕУ. Нашите граѓани, идните генерации ќе живеат во ЕУ, побогати и со подобар стандард од тоа што го имаат сега, а нашето општество ќе се трансформира во општество со европски вредности. Погледнете ги сите земји-членки кои пред многу години биле во нашата ситуација, а кои по членството во ЕУ доживеале сериозен раст и развој. И нивниот пат не бил лесен, и нивната трансформација била постепена и тешка, но денес нивните граѓани имаат шанса да живеат во земји со подобар стандард, да се побогати, да живеат европски и слободно“,
вели Ковачевски.
Премието потенцира дека дали ќе бидеме и ние таму зависи само и единствено од нас.
„Подадените раце на поддршка од нашите пријатели, оваа шанса која ја имаме, не смееме да ја пропуштиме“,
подвлекува премиерот Ковачевски во интервјуто.