Денешното сведочење на двајца сведоци, Јованка Кухар и пензионерката Лилјана Тодоровска, во предметот „Меѓународен сојуз“, адвокатот Сашко Дукоски кој е дел од одбраната на обвинетите, го нарече брутално лажење.
Тој оспорува неколку моменти од исказот на Тодоровска, која е авторка на проектот за домови за стари лица, а која тврдеше дека кога потпишувала договор за реализација на овие проекти со „Меѓународниот сојуз“ и фирмата на бизнисменот Силјан Мицевски, не ги знаела сите детали, како и дека не знае колку пари легнале на нејзината сметка, а биле земени од асистентката на обвинетиот Бојан Јовановски, Христина Блажевска која е исто така обвинета.
„Дали вие сметате дека еден нормален човек со неодземена деловна способност што ќе се рече возрасен и при здрава свест и здрав памет, ќе потпише нешто коешто не знае што потпишала. Тоа е една работа. А, втора работа многу би сакал и мене да ми легнат на сметка 730 000 евра за коишто, исто така чудно, не знае од каде се, но од кои и бил сервисиран нејзиниот кредит. И трето, ако сте вие единствен потписник на жиро сметката, како е можно некој друг во ваше име да ги подига тие пари, и втора работа да ги пренесе тие пари, да ги конвертира тие пари од денари во евра. Тоа е обична лага“,
рече Дукоски.
Тој во изјава за медиумите праша и дали е нормално ако сметате дека нешто сте измамени или нешто неправилно се работело, да чекате година и четири месеци за да пријавите наводна измена.
„Внимавајте, тоа е многу кратко време, неколку недели пред започнувањето на предметот ’Меѓународен сојуз‘. Тотално некредибилен сведок којшто не ја зборуваше вистината и којшто брутално лажеше во секој дел од исказот. Кои се причините јас не знам. Слично се однесува и за другиот сведок (Јованка Кухар), но мислам дека судот при постоење на писмена документација не може фактичката состојба да ја темели на исказите на вакви сведоци“,
рече Дуковски.
Дуковски е адвокат на Бојан Јовановски, асистентката Христина Блажевска и таткото на Боки, Миле Јовановски. Обвинети се и замени-претседателката на „Меѓународниот сојуз“, Јасна Ерцеговиќ-Мандиќ и експратеничката Фросина Ременски, која беше почесен претседател на оваа организација.
- Караници во судница предизвика сведочењето на Јованка Кухар од „Меѓународен сојуз“
- Емотивно сведочење на пензионерката во „Меѓународен сојуз“: Пачка по пачка се броеја парите во банка, асистенката на Боки ги ставаше во торба
Боки се товари за делата измама и перење пари, Мандиќ-Ерцеговиќ и Блажевска се обвинети за помагање во овие дела, а Ременски за помагање само во делото измама. Таткото на Боки се товари за помагање во перењето пари и за делото неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје бидејќи при претрес во неговиот дом биле пронајдени три полуавтоматски пиштоли и муниција за кои немал дозвола. Како правно лице обвинета е и невладината организација.
Во овој предмет обвинителството тврди дека двајцата бизнисмени Силјан Мицевски и Ардијан Амзоски биле доведени во заблуда и измамени со сума од околу еден милион евра – Мицевски сума од 719 905, а Амзоски 233 821 евра.