Повеќе членови на техничката влада го користат предизборието за потсетување на граѓаните за реализираните проекти во своите ресори, како и за најава на нови проекти што би се реализирале по изборите
Од утрово, почнувајќи од 10 часот, говорницата во Медиа-центарот на Владата беше цело време зафатена. Во период од неколку часа, неколкумина членови на техничката влада, еден по еден, одржуваа прес-конференции, додека дел од министрите беа на терен.
Денот почна со прес-конференција на премиерот Оливер Спасовски, кој, заедно со директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, го промовираше јавниот повик за доделување концесија за изградба на хидроелектрични централи на Црна Река, односно за изградба на хидроелектричната централа „Чебрен“ .

„Владата го трасира патот на енергетска транзиција со изградба на капацитети со доминантно производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија. ХЕЦ „Чебрен“ ќе биде од огромно значење за балансира на енергетскиот систем на земјава и со своите услуги ќе биде значаен партнер во секундарната и терцијалната регулација и на регулираниот пазар“,
рече Спасовски
Спасовски учествуваше денеска и на јавна дискусија во Владата (настан во негова организација), по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик.
Во меѓувреме, министерката за финансии Нина Ангеловска, на прес-конференција во Владата, презентираше нова платформа за транспарентност при прикажување на податоците за јавниот долг.
„Преку новата алатка, ќе се има увид во тоа колку изнесува јавниот долг како процент од БДП, како апсолутен износ, на што е резултат зголемувањето, како и податоци за движењето на долгот низ годините, финансирање на јавниот долг за 2020 година, податоци за издавање на државни хартии од вредност, како и едукативен дел“,
објасни Ангеловска.

Таа посочи дека во последните три години долгот се стабилизира. За разлика од периодот од 2006 до 2016 година, кога, како што рече, бил зголемен за 23 проценти и имал силна стапка на раст, во последните три години линијата на раст е речиси права.

На прес-конференцијата на министерката Ангеловска реагираше дополнителната заменик-министерка за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска од ВМРО-ДПМНЕ. Според неа, алатките за транспарентност се секогаш добредојдени, но податоците треба да се презентираат објективно и точно бидејќи, како што рече, граѓаните заслужуваат да знаат дека јавниот долг во земјава расте, а не се стабилизира.
Прес-конференција во Владата денеска одржа и министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски. Тој рече, меѓу другото, дека околу девет илјади граѓани се регистрирани и секојдневно користат 128 електронски услуги на порталот uslugi.gov.mk, кој беше пуштен во употреба пред два месеца. На порталот веќе се достапни сите информации за добивање на 744 услуги.

Министерот за образование и наука Арбер Адеми попладнево ќе присуствува на потпишување на грант-програма на мали проекти за човекова безбедност. Претпладнево, пак, тој одржа прес-конференција во седиштето на ДУИ во Скопје, каде што оцени, меѓу другото, дека неговата партија очекува кампањата и предвремените парламентарни избори да бидат фер, мирни и демократски.

Тема на прес-конференцијата на Адеми, всушност, беше покачувањето на платите во образованието. Министерот истакна дека, во период од две години, платите на наставниците во основните и средните училишта се зголемени за повеќе од 21 процент и дека целта е тој тренд да продолжи.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, пак, денеска правеше увид во градежните активности за реконструкција на регионалниот пат од Раштак до Бутел. Тој беше придружуван од директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој Николче Бабовски и градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски.
За разлика од министрите од редовите на СДСМ, министерот за внатрешни работи Наќе Чулев денеска одржа прес-конференција во МВР, каде што презентираше детали за вчерашната акција во Крушопек, каде што е запленет еден килограм кокаин.