Демерџиев изјави дека е задоволен од организацијата на настанот и истовремено изрази жалење што бугарски државјани неколку часа чекаа за влез во Македонија на граничниот премин „Деве Баир“. Тој ја оцени ситуацијата како провокација и потсети дека Северна Македонија одбила заедно да ја прослави годишнината на Гоце Делчев
Бугарска делегација предводена од министерот за внатрешни работи Иван Демерџиев положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“. Во делегацијата се и министерот за здравство на Бугарија, Асен Меџидиев и заменик-министерот за внатрешни работи Венцислав Катинов.
Демерџиев изјави дека е задоволен од организацијата на настанот и истовремено изрази жалење што бугарски државјани неколку часа чекаа за влез во Македонија на граничниот премин „Деве Баир“.
„Задоволен сум од организацијата на настанот и чест ми е што сум тука со бугарската делегација за да му оддадам почит на великанот Гоце Делчев. Двете земји треба да се насочат кон решавање на други проблеми, а не на настан од ваков формат. Се надевам дека на сите бугарски државјани кои тргнаа кон Скопје ќе им биде овозможено да дојдат во црквата ‘Свети Спас’. Има извештаи дека некои бугарски државјани се спречени да влезат на територијата на Северна Македонија. Немам точни информации колку Бугари се спречени. Добив информација дека снемало струја. За да нема слични проблеми во иднина, в понеделник ќе донираме генератори на трите пункта на ПКМ“,
изјави Демерџиев.
Според него, таквиот однос кон бугарските државјани бил неприфатлив.
„Таквото однесување е неприфатливо. Тоа не одговара на односите меѓу нашите два народа. Згора на тоа, проблемот беше само во една насока – влез во Северна Македонија. Автомобилите што излегоа поминаа непречено. Ова не е начин! Патот напред е обединета Европа, што подразбира меѓусебна доверба и почитување“,
рече Демерџиев.
Тој ја оцени ситуацијата како провокација и потсети дека Северна Македонија одбила заедно да ја прослави годишнината на Гоце Делчев. Тој ги дефинираше драконските безбедносни мерки во Скопје како непотребни.
„Ни такви безбедносни мерки не се неопходни бидејќи односите меѓу двата народа не го подразбираат тоа. Безбедноста значи дека секој што сака да дојде може мирно да го почитува споменот на Гоце Делчев. Целта на овие провокации е да нè поделат, а немаме причина да бидеме разделени. Бугарија им дозволи на македонските граѓани во Благоевград да однесат цвеќе на спомениците. Очекуваме реципрочни дејствија, секој Бугарин да може да принесе по едно цвеќе на гробот на Гоце Делчев. Му предложив на министерот Спасовски заедно да положиме цвеќе, но бев одбиен. Мислам дека ова е вистинскиот начин и апостол како Гоце Делчев заслужува сличен третман. Се надевам дека тоа ќе се случи во иднина“,
рече Демерџиев.
Одговарајќи на новинарски прашања, тој посочи дека лично ги замолил Костадин Костадинов и Ангел Џамбаски денеска да не го посетат Скопје, за, како што рече, да се избегнат конфликти и изрази задоволство што тие го послушале.
На прашањето како ги коментира изјавите од некои бугарски политичари дека Македонија е бугарска, Демерџиев рече:
„Јасно е дека Северна Македонија е самостојна држава и Бугарија прва ја призна како таква. Немам намера да одговарам на провокации дека Македонија била бугарска“.